Војните, нарушувањата на синџирите на снабдување и кибернападите се меѓу главните ризици за банките во еврозоната, а дел од нив можеби нема да успеат да ги исполнат барањата за ликвидност во странска валута во услови на силен стрес, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ), повикувајќи се на резултатите од стрес-тестот.
За разлика од традиционалните тестови на отпорност, во кои банките подготвуваат планови за реакција на однапред дефинирани сценарија, овојпат финансиската институција со седиште во Франкфурт побарала самите банки да ги креираат сценаријата преку т.н. „обратен стрес-тест“. Целта била да се утврдат околностите во кои нивниот коефициент на основен сопствен капитал од прв ред (CET1) би се намалил за 300 базични поени.
„Најчесто користените настани што предизвикуваа стрес-сценарија беа воени конфликти, нарушувања на синџирите на снабдување, вклучително и прекини во снабдувањето со енергија, економски санкции, пад на макроекономската доверба, политичка нестабилност и кибернапади“, соопшти ЕЦБ.
Иако ликвидноста на банките останува над регулаторниот минимум во повеќето сценарија, ЕЦБ не е целосно задоволна од начинот на кој некои банки ги пресметале потенцијалните последици.
„Тестот откри недоследности во начинот на кој дел од банките ги претвориле шоковите во ефекти врз капиталот и ликвидноста. ЕЦБ ќе преземе дополнителни мерки кон засегнатите банки за да ги подобрат своите рамки за стрес-тестирање“, се наведува во соопштението.
Дополнително, ликвидноста во странска валута се покажала како структурно поограничена, а кај одредени банки стресот би можел да биде толку силен што нивниот коефициент на ликвидно покритие би паднал под минимално пропишаните 100 проценти.
ЕЦБ предупредува и дека некои банки можеби ги потцениле ризиците поврзани со странските валути, бидејќи предвиделе мала или никаква променливост на девизната ликвидност. Тоа ја ограничува нивната способност навреме да ги препознаат ризиците поврзани со финансирањето.
Според централната банка, ова може да биде сериозен проблем, бидејќи претходните финансиски кризи покажале тесна поврзаност меѓу проблемите со ликвидноста, финансирањето и солвентноста на банките.
Меѓу 110 банки што се под директен надзор на ЕЦБ, една четвртина како еден од најголемите ризици го посочиле конфликтот на Блискиот Исток. Меѓу другите клучни закани се наведуваат ескалацијата на војната во Украина, влошувањето на односите меѓу САД и Кина, како и растечките тензии околу Тајван.
Банките оцениле дека овие ризици најсилно ќе се пренесуваат преку реалната економија, додека финансиските пазари ќе бидат втор, но исто така значаен канал на влијание.
Според ЕЦБ, воените конфликти особено негативно влијаат врз земјоделството, угостителството и ресторанскиот сектор, додека последиците од намалената макроекономска доверба и кибернападите силно ги погодуваат производството и транспортот.
Сценаријата што вклучуваат нарушувања во снабдувањето со енергија, пак, имаат негативно влијание врз широк спектар економски сектори.
Како мерки за ублажување на последиците, банките предвиделе продажба на дел од бизнисите, зголемување на капиталот и намалување на дивидендите. Според проценките на ЕЦБ, овие мерки би компензирале нешто повеќе од една третина од загубата на капитал.
Сепак, Европската централна банка изразува сомнеж дека дел од планираните мерки навистина би можеле целосно да се реализираат.
„Во одредени случаи, банките предвидуваат мерки што не се доволно поткрепени со конкретни докази дека можат целосно да се спроведат“, предупредува ЕЦБ.



