Вашингтон и Токио потврдија дека за прв пат по 28 години интервенирале на девизниот пазар за да го поддржат јенот, кој падна на најниско ниво во однос на доларот во последните четири децении, и изјавија дека се подготвени да ја повторат операцијата доколку е потребно, објавија светските агенции.
Јапонската валута неодамна падна на речиси 164 јени за долар – најниско ниво од 1986-та година – под тежината на разликата во каматните стапки меѓу Јапонија и САД, но и поради загриженоста за буџетската политика на јапонскиот премиер Санае Такаичи.
Иако обемот на операцијата спроведена во петокот не беше откриен, според Токио ова е првата заедничка интервенција што се состои од купување јени за поддршка на валутата од 1998-ма година.
Во меѓувреме, САД и Јапонија продадоа јени за да го спречат зголемувањето на вредноста на јапонската валута во 2011-та година по катастрофалниот земјотрес, цунамито и несреќата во нуклеарната централа Фукушима.
Во претседателскиот авион, американскиот претседател Доналд Трамп ја потврди интервенцијата. Според него, САД би извлекле „финансиска корист“ од оваа одлука, но „тоа беше пред сè гест на пријателство“, објасни тој пред печатот.
„Ние сме многу, многу стабилни финансиски. А тие, знаете, имаат ослабен јен и им требаше малку помош. А ние секогаш сме тука за Јапонија“, рече тој.



