Француската банка „Société Générale“ објави рекордна квартална нето-добивка и ја зголеми целта за профитабилност за 2026-та година, откако закрепнувањето во банкарството за физички лица и строгата контрола на трошоците го надоместија падот на приходите во секторот за тргување со финансиски инструменти.
Според податоците на банката, нето-добивката на групацијата во вториот квартал достигнала 1,79 милијарди евра, што е над очекувањата на аналитичарите. Тоа претставува раст од 23 отсто во однос на истиот период минатата година и највисоко квартално ниво во историјата на банката.
Аналитичарите, според просекот на 13 проценки собрани од банката, очекувале добивката да изнесува околу 1,57 милијарди евра.
Приходите на „Societe Generale“ исто така ги надминале прогнозите и пораснале за 4,5 отсто, достигнувајќи 7,1 милијарди евра, додека трошоците биле пониски од очекуваните.
Банката, која е втор најголем јавно тргуван кредитор во Франција според пазарната капитализација, сега очекува годишен поврат на капиталот (ROE) од околу 11 проценти, што е подобрување во однос на претходната цел од над 10 проценти.
„Societe Generale“ дополнително ја зголеми и целта за намалување на трошоците, откако односот меѓу расходите и приходите паднал под годишната цел од 60 проценти.
Главниот извршен директор на банката, Славомир Крупа, кој ја презеде функцијата во мај 2023-та година, спроведува една од најследените трансформации во европскиот банкарски сектор.
По тешкиот почеток, стратегијата почнала да дава резултати. Акциите на „Societe Generale“ се зголемиле повеќе од трипати откако Крупа ја презел управувачката функција, надминувајќи го индексот на европските банки „EURO STOXX Banks“.
Инвеститорите позитивно го оценија фокусот на банката кон капиталот, намалувањето на трошоците и подобрувањето на оперативното работење.
Сепак, банката и понатаму се соочува со предизвици. Нејзината пазарна вредност сè уште е околу половина од онаа на поголемиот француски конкурент „BNP Paribas“, а пред неа е задачата да покаже дека може да обезбеди стабилен раст во услови на силна конкуренција од дигиталните банки како „Revolut“ и американските финансиски институции кои го зајакнуваат своето присуство во инвестициското банкарство.
Како дел од враќањето на капиталот кон акционерите, „Societe Generale“ најави и вонреден откуп на сопствени акции во вредност од 1,5 милијарди евра, кој започнува на 3-ти август.
Банката исто така ќе исплати привремена готовинска дивиденда од 0,75 евра по акција, што е раст од 23 проценти во однос на минатата година.
Одлуката следи откако „Societe Generale“ го зголеми својот основен капитал значително над регулаторните барања, главно преку продажба на дел од активите.
По завршувањето на откупот на акции, коефициентот на основниот капитал „CET1“ на банката ќе изнесува 13,2 проценти.



