Јаболковиот оцет со години е присутен во велнес индустријата, а препораките од познати личности и виралните видеа создадоа бројни тврдења за неговите ефекти. Но, што од тоа е научно потврдено?
Иако може до одреден степен да влијае врз апетитот, една чаша оцет наутро не е формула за слабеење, а стручњаците нагласуваат дека ниту времето на консумирање не е пресудно за можните придобивки.
Анализирани се достапните докази за да се направи разлика меѓу фактите и митовите.
Вистина: Може да помогне во контролата на дијабетесот
Доказите укажуваат дека јаболковиот оцет кај некои луѓе може да помогне во регулирањето на шеќерот во крвта, но тоа не важи за сите.
Систематски преглед и мета-анализа на девет студии покажале дека кај лицата со дијабетес тип 2, консумирањето оцет во период од осум недели значително го намалило нивото на гликоза во крвта на гладно.
Се смета дека за тоа е заслужна високата концентрација на оцетна киселина, која го забавува варењето на јаглехидратите, а со тоа и ослободувањето на шеќерот во крвотокот.
Друга студија ги следела ефектите на јаболковиот оцет врз нивото на инсулин кај лица со дијабетес. Резултатите покажале дека испитаниците имале повисоко ниво на овој хормон откако осум недели секојдневно земале 30 милилитри, односно околу две лажици оцет.
Нутриционистката и уредничка на порталот „EatingWell“, Медлин Пек, предупредува:
„Регулацијата на шеќерот во крвта е сложен процес и за тоа не постои брзо решение. Иако јаболковиот оцет може да биде корисен додаток, тој не смее да ја замени балансираната исхрана, промените во животниот стил или лековите“.
Вистина: Времето во денот не е важно
На социјалните мрежи често се споделуваат совети дека јаболковиот оцет треба да се пие наутро или веднаш по оброк за подобро варење.
Сепак, нема цврсти докази дека времето на консумирање има влијание врз здравјето.
Со тоа се согласува и нутриционистката Емили Лахтруп.
„И покрај тоа што може да се види на социјалните мрежи, нема сигурни докази дека времето на земање јаболков оцет има значително влијание. Ако сакате да го пиете наутро, тоа е во ред, но всушност секое време од денот е прифатливо ако сакате да го пробате“, објаснува таа.
Вистина: Задолжително треба да се разреди
Пиењето оцет директно од шише може да ги оштети забите и грлото.
Оцетот е многу кисел, па честото изложување на чувствителните делови како забите, непцата, устата и хранопроводникот може да предизвика иритација, па дури и долгорочна ерозија на забната глеѓ.
Студија за pH вредностите на пијалаците и нивниот потенцијал за оштетување покажала дека пијалаците со pH вредност 3,0 или пониска се сметаат за особено штетни.
Јаболковиот оцет има pH вредност меѓу 3,0 и 3,5, што значи дека е блиску до таа граница.
Безбеден начин за консумирање е мала количина оцет да се измеша со топла вода и лимон, чај или друг пијалак.
Може да се користи и како додаток во преливи за салати или маринади.
Мит: Клучен е за брзо слабеење
Едно од најчестите тврдења за јаболковиот оцет е дека значително помага при слабеење.
Во реалноста, постојат многу малку докази кои го потврдуваат тоа.
Една популарна студија тврдела дека 120 лица со прекумерна тежина или дебелина во Либан изгубиле 9 отсто од телесната тежина откако 12 недели секојдневно консумирале оцет.
Но, таа студија подоцна била повлечена од издавачот, „British Medical Journal“, поради „сомнежи во квалитетот на истражувањето“.
Најсилните докази за поврзаноста меѓу оцетот и слабеењето доаѓаат од мета-анализа од 2022 година.
Анализата покажала дека четири од шест краткорочни студии заклучиле дека јаболковиот оцет го намалува апетитот, што би можело да доведе до губење тежина.
Но, важно е да се нагласи дека долгорочните студии не покажале таков ефект.
Иако краткорочно може да го намали апетитот, тоа не е доволно за да се тврди дека оцетот е ефикасен метод за здраво слабеење.
„Доказите се многу ограничени. Тие не покажуваат дека тоа е одржлив начин за регулирање на телесната тежина“, вели Пек.
Што велат нутриционистите?
И покрај репутацијата на „суперхрана“, јаболковиот оцет нема научно потврдени придобивки кои би го оправдале тоа име.
Иако може да помогне во намалување на нивото на шеќер во крвта и подобрување на чувствителноста на инсулин кај лица со дијабетес, другите тврдења, како она за слабеење, не се доволно поткрепени.
И луѓето кои немаат дијабетес можат безбедно да консумираат јаболков оцет и да уживаат во неговиот вкус или во помали здравствени придобивки.
Клучно е оцетот секогаш да биде разреден, а времето на консумирање не е важно.
Не мора да се откажете од него само затоа што не е универзален лек, но важно е да знаете што реално можете да очекувате од овој производ.



