28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМилер: Македонското ниво на долг не е загрижувачко

Милер: Македонското ниво на долг не е загрижувачко

terry

Македонија е една од навистина успешните приказни, таа имаше одличен пораст во економските слободи во изминатата деценија и се искачи повеќе од десет поени на нашиот индекс, вели амбасадорот Тери Милер, директор на Центарот за меѓународна трговија и економија во фондацијата Херитиџ.

Центарот работи на Годинешниот индекс на економски слободи на Херитиџ и весникот Вол Стрит Журнал.

Според неодамна објавениот индекс, Македонија се пласираше на 43. место од 177 држави, најдобра во регионот и на 21. место во Европа. Индексот ги оценува државите според начинот и нивото на оданочување, колку е тешко да се отвори нов бизнис, отвореноста на земјата за трговија со светот и владеењето на правото.

Во разговор за Македонската информативна агенција, амбасадорот Милер вели дека просторот за подобрување треба да се гледа во последната сфера.

– Секако дека има простор за подобрување, пред се во индикаторите на владеење на правото. Некогаш овие индикатори се поврзани и со културата на земјата и не може ниту да се сменат толку бргу. Воедно, Македонија се наоѓа во тешко соседство.

Според овој претставник на Херитиџ, македонското ниво на долг не е загрижувачко, но треба да се внимава на насоката на движење нa земјата.

– Долгот во Македонија се уште е под 30 проценти од БДП и мислам дека тоа не е проблематично ниво на долг. Треба да се искачите до ниво од 60 или 70 проценти, пред навистина да треба да се загрижите за влијанието на долгот врз идниот економски развој. Но, самото зголемување на долгот значи дека треба да се внимава на насоката. Важно е владите да ги стават дефицитот и расходите под контрола. Овој период е многу лошо време за владите да го зголемуваат дефицитот и расходите. Ако погледнеме какво влијание имаат на дефицитот и трошењето врз економскиот раст, може да се види дека тука има повеќе негативна отколку позитивна врска. Државите кои повеќе трошат и кои ги зголемуваат расходите имаат пониски стапки на раст од државите кои штедат, вели Милер, кој додава дека, во светски рамки, особено е загрижувачка неможноста на САД да се справат со својот долг.

Херитиџ, како една од најзначајните конзервативни институции во САД, предупредува и на други проблеми поврзани со државната потрошувачка.

Според Милер, освен што државното трошење не е најдобар начин да се стимулира економскиот раст, тоа води и до високо ниво на корупција.

– ВО САД, на пример, пред неколку години имавме голема програма за стимулирање на економијата, скоро трилион долари. Беше ветено дека тие пари ќе се потрошат на јавни инвестиции, патишта, мостови. Но, не видовме ништо од тие патишта и мостови. Наместо тоа, парите беа потрошени на програми за редистрибуирање, а голем дел од нив отидоа кај лица поврзани со актуелната власт. Како резултат на овие даноци и државната потрошувачка имавме зголемување на нивото на корупција. За тоа би бил загрижен и во земји како што е Македонија – ако со даноците одземате ресурси од сите граѓани, важно е државата потоа да биде одговорна во трошењето на тие ресурси. Општо земено, најдобро е парите
да им ги оставите на луѓето, за самите да решат како да ги потрошат, вели Милер.

Една од позитивните оценки во извештајот за Македонија е ниската и рамна стапка на данок за компаниите и за остварениот доход. Но, амбасадорот Милер предупредува дека замената за овие приходи, данокот на додадена вредност, е висок.

– Во принцип ова е добра идеја, да се оданочи потрошувачката, преку данокот за додадена вредност, а не заработувачката преку данокот за доход. Во голем број студии, даноците како ДДВ се покажуваат дека се поефикасни. Но, не се работи само за типот на оданочување, туку и за неговото ниво. Македонија има ДДВ поставен на ниво на 18 проценти, што е навистина висока стапка и одзема доста од доходот на граѓаните, вели Милер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП