Европската унија започна со спроведување нови правила што ги обврзуваат компаниите јасно да ја означат содржината создадена или изменета со помош на вештачка интелигенција. Целта е граѓаните веднаш да можат да препознаат кога гледаат фотографија, видео од вештачка интелигенција, слушаат синтетички звук или разговараат со четбот, а предвидени се казни до 15 милиони евра за непочитување на прописите.
Новите правила се дел од спроведувањето на регулативата за Законот за вештачка интелигенција усвоена минатата година и се однесуваат на компании, институции и организации што работат на територијата на Европската Унија.
Што ќе треба да се означи
Европската комисија ги подготви официјалните ознаки „AI“, „AI Generated“ и „AI Modified“, кои ќе служат за означување на содржината создадена или изменета со помош на вештачка интелигенција.
Обврската се однесува особено на фотографии, аудио и видео снимки што верно прикажуваат вистински луѓе, предмети, места или настани, т.е. содржина позната како deepfake. Правилата вклучуваат и системи за препознавање емоции и биометриска категоризација.
Означувањето ќе се однесува и на текстови наменети за информирање на јавноста за прашања од јавен интерес кога не се подложени на човечка верификација или уредничка контрола.
Четботовите повеќе нема да смеат да се претставуваат како луѓе.
Новите правила носат уште една важна обврска. Компаниите ќе мора јасно да ги информираат корисниците кога разговараат со AI системот, а не со вистинско лице.
Европската комисија смета дека транспарентноста мора да биде основен принцип на користење на вештачка интелигенција, така што корисниците ќе знаат со каква содржина или систем се во контакт.
За компаниите што ги прекршуваат новите правила, се предвидени казни до 15 милиони евра, или до 3 проценти од годишниот промет, во зависност од тоа кој износ е поголем. За институциите на Европската Унија, максималната казна е 750.000 евра, додека за малите и средните претпријатија се предвидени пропорционално пониски санкции.



