ПочетнаЕКОНОМИЈАВојната во Иран не ги спречи најголемите економии во еврозоната да растат

Војната во Иран не ги спречи најголемите економии во еврозоната да растат

Најголемите економии во еврозоната забележаа раст во вториот квартал од годинава, покажувајќи дека блокот успева да се справи со последиците од војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга страна, пренесува „Bloomberg“.

Бруто домашниот производ (БДП) на Германија, Италија и Франција пораснал за по 0,2 проценти, при што Франција избегнала рецесија по неочекувано слабиот почеток на годината. Економијата на Шпанија забележала раст од 0,7 проценти, што ги надминало очекувањата на аналитичарите.

Податоците претставуваат позитивен сигнал за еврозоната, која успеа да ги ублажи последиците од нестабилноста и неизвесноста предизвикани од конфликтот на Блискиот Исток.

Во целата еврозона економската активност пораснала нешто повеќе од очекувањата благодарение на силните инвестиции во вештачката интелигенција (AI), зголемените јавни расходи и неколку еднократни фактори, кои го ублажиле негативното влијание од војната во Иран и наглиот раст на цените на енергенсите.

Квартален бруто домашен производ за Германија (портокалова), Франција (бела), Италија (сина), Шпанија (розова). Графикон: Bloomberg LP

Економијата на сите 21 земја што го користат еврото пораснала за 0,4 проценти во однос на претходниот квартал, над прогнозите на аналитичарите кои очекувале раст од 0,2 проценти. Во претходниот квартал беше регистриран пад од 0,2 проценти.

На годишно ниво, економскиот раст во еврозоната се забрзал на 1 процент, во споредба со 0,3 проценти три месеци претходно, што исто така е над очекувањата.

Иако наглиот раст на цените на нафтата поради војната придонесе за повисока инфлација, дополнително ги оптовари семејните буџети и ги ограничи инвестициите, европската економија засега успева да ги амортизира индиректните последици од конфликтот.

Последните економски показатели укажуваат на дополнително подобрување, иако борбите продолжуваат да создаваат неизвесност околу мировниот процес меѓу Вашингтон и Техеран. Во јули деловната доверба во Германија и Франција била подобра од очекуваното.

Сепак, Европската централна банка предупредува дека целосното влијание од енергетскиот шок сè уште не е целосно почувствувано. Иако овој месец ги задржа каматните стапки непроменети, ЕЦБ предупреди на ризици од забрзување на инфлацијата и забавување на економскиот раст. Дел од претставниците на Банката се залагаат за ново зголемување на каматните стапки во септември.

Во меѓувреме, инфлацијата во Шпанија во јули се забрзала на 3,8 проценти, што е повеќе од очекуваното, а сличен тренд покажуваат и регионалните податоци од Германија. Се очекува официјалните податоци за еврозоната да покажат дека инфлацијата благо се зголемила на 2,9 проценти.

И покрај тоа што растот на германската економија се забавил во вториот квартал по силниот почеток на годината, економската активност останува поотпорна од очекуваното. Подобрувањето се должи на големите инвестиции во инфраструктурата и одбраната, како и на оптимизмот околу пакетот економски реформи.

Германското Министерство за економија оценува дека позитивните показатели укажуваат на закрепнување во втората половина од 2026-та година, иако понатамошниот развој ќе зависи од состојбата на Блискиот Исток.

Француската економија повторно забележала раст по падот од 0,1 процент во првиот квартал. Потрошувачката се зголемила за 0,2 проценти, а позитивен придонес дала и надворешната трговија. Сепак, инвестициите опаднале втор квартал по ред.

Францускиот министер за финансии Ролан Лескир изразил оптимизам, оценувајќи дека земјата успешно се справува со предизвиците и дека прогнозата за економски раст од 0,7 проценти оваа година останува достижна, иако намалувањето на буџетскиот дефицит ќе биде сè потешка задача.

Италија, која е втор најголем потрошувач на природен гас во Европската Унија по Германија, е особено чувствителна на поскапувањето на енергенсите. Владата и централната банка очекуваат економски раст од 0,6 проценти, но предупредуваат дека целта може да биде потешко остварлива доколку инвестициите и потрошувачката забават.

Влошените економски перспективи претставуваат дополнителен предизвик за премиерката Џорџа Мелони, која се соочува со сè поголеми политички притисоци и потребата да ги усогласи барањата на Европската Унија за фискална дисциплина со мерките за заштита на граѓаните од економската криза.

Во меѓувреме, Шпанија продолжува да биде најбрзорастечката голема економија во Европа по пандемијата на Ковид-19, благодарение на силната лична потрошувачка, интеграцијата на мигрантите, закрепнувањето на туризмот и средствата од европските фондови.

Растот е проследен со најсилни резултати на пазарот на труд по глобалната финансиска криза, како и со намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг.

„И покрај исклучително сложената меѓународна ситуација, на пат сме 2026-та година да ја завршиме со економски раст петпати поголем од оној во Италија, четирипати поголем од Германија и трипати поголем од Франција“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.

Владата на Шпанија очекува економијата годинава да порасне за 2,6 проценти.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП