ПочетнаЕКОНОМИЈАИталија агресивно ги полни резервите на течен гас пред зимата

Италија агресивно ги полни резервите на течен гас пред зимата

Италија во јули стана најголемиот увозник на течен природен гас (LNG) во Европа, откако трговците ги искористија владините стимулации за да продолжат со набавка на нови количини и покрај наглиот раст на цените. Во меѓувреме, соседните земји се воздржаа од скапите набавки, поради што нивото на гасните резерви остана под очекувањата, објави „Bloomberg“.

Различните пристапи се сведуваат на различни проценки за тоа како ќе се развива гасната криза во Европа пред претстојната зима. Доколку прекините во испораките од Блискиот Исток продолжат, а цените дополнително растат, скапото полнење на складиштата во Италија може да се покаже како исправна одлука. Од друга страна, земјите со помали резерви би можеле да се соочат со недостиг на гас и уште повисоки цени во текот на зимата.

Но, ако испораките се нормализираат, а цените почнат да паѓаат, Италија ризикува да остане со скапо набавен гас, чиј товар на крајот би можеле да го сносат потрошувачите.

Војната и нарушувањата во испораките од Блискиот Исток доведоа до речиси двојно зголемување на цената на природниот гас во Европа од почетокот на годината. Поради тоа, многу европски земји го намалија увозот на „LNG“, и покрај потребата да ги наполнат складиштата пред зимата.

Италија е редок исклучок. Според податоците за следење на бродови што ги собира „Bloomberg“ од 2017-та година, земјата првпат ги надмина сите останати европски држави по увоз на течен природен гас.

Енергетскиот сектор во Италија е најзависен од природниот гас во Европа, а неодамнешните топлотни бранови дополнително ја зголемија потрошувачката на енергија.

Во исто време, трговците продолжија да ги користат владините стимулации за полнење на гасните складишта, што ѝ даде предност на Италија во однос на земји како Германија и Франција. Италијанските прописи предвидуваат строги цели за пополнување на резервите, како и казни доколку тие не бидат исполнети.

Овој развој повторно го отвора прашањето дали и другите европски влади треба финансиски да ги поддржат набавките на гас доколку прекините во испораките од Персискиот Залив продолжат.

Во меѓувреме, големите азиски купувачи исто така ги пренасочуваат испораките, што би можело дополнително да ја засили конкуренцијата за ограничените количини „LNG“ во наредните месеци.

„Цените на природниот гас најверојатно ќе останат под притисок и во следните месеци, а тоа ќе стане видливо уште во наредните недели“, изјави главниот извршен директор на италијанскиот оператор на гасоводната мрежа „Snam“, Агостино Скорнајенки.

Тој оцени дека Германија и другите европски земји наскоро ќе мора значително да го забрзаат полнењето на своите складишта. Компанијата потврди дека Италија е на добар пат да ја исполни целта – резервите да достигнат 90 проценти исполнетост.

Фјучерсите на природниот гас во Европа во текот на овој месец поскапеа за повеќе од 30 проценти, по новите американски напади врз Иран и продолжената неизвесност на светските енергетски пазари.

Во моментов зимските договори за природен гас се тргуваат по нешто пониски цени од летните, што го прави складирањето економски неисплатливо за поголемиот дел од трговците.

Сепак, бројни аналитичари предупредуваат дека ризиците за зимата се зголемуваат. Инвестициската банка „Goldman Sachs“ прогнозира дека, доколку понудата остане ограничена, цената на природниот гас во декември може да достигне и 100 евра за мегават-час, што е околу 75 проценти над сегашното ниво.

Во моментов, складиштата со природен гас во Италија се исполнети 75 проценти, што е под петгодишниот сезонски просек, но сепак претставува највисоко ниво меѓу најголемите европски пазари.

За споредба, складиштата во Германија се исполнети 47 проценти, што е најниско ниво за овој период од годината од 2009-та година наваму. Во Франција исполнетоста изнесува 56 проценти.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП