Новиот топлотен бран веќе пристигна, а во одделни делови од земјата температурите деновиве ќе достигнат околу 40 степени. Поради екстремно високите температури, надлежните издадоа предупредувања за повеќе региони, а многумина кои немаат клима-уред спасот од жештините го бараат со вентилатор.
За голем број луѓе токму вентилаторот е единствениот начин полесно да заспијат во топлите летни ноќи. Но, иако може да ја направи спалната соба поподнослива, експертите предупредуваат дека неговото работење во текот на целата ноќ има и свои недостатоци – од влошување на алергиите до сушење на кожата и дишните патишта.
Алергии и астма
Докторката по општа медицина и експерт за спиење, Хана Пател, предупредува дека лицата кои страдаат од алергии, особено на прашина и полен, можат да забележат влошување на симптомите ако спијат со вклучен вентилатор.
Имено, вентилаторот ги подига алергените и ги разнесува низ просторијата, па тие полесно се вдишуваат или доаѓаат во контакт со кожата. Последиците може да бидат болка во грлото, кивање и чешање уште веднаш по будењето.
На ист начин низ воздухот се шират и грини, спори од мувла и полен, што дополнително може да ги влоши симптомите кај лицата со астма. Затоа, д-р Пател препорачува луѓето кои имаат астма да избегнуваат спиење со вклучен вентилатор.
„Веројатно ќе забележите дека вентилаторот ви создава повеќе проблеми отколку корист, бидејќи дополнително може да ги иритира дишните патишта“, вели докторката, додавајќи дека тоа особено важи за децата.
Затнат нос
Доколку среде лето се будите со затнат нос, можно е причината да биде токму вентилаторот.
Експертката за спиење Натали Пеникот-Колиер објаснува дека постојаното струење на воздухот во текот на ноќта постепено ја суши слузницата на носот, грлото и горните дишни патишта. Организмот потоа создава повеќе слуз за да ја надомести изгубената влага.
Болки во мускулите
„Ако вентилаторот ви е премногу блиску, ладниот воздух може во текот на ноќта да предизвика напнатост во мускулите, па ќе се разбудите вкочанети и со болки“, објаснува д-р Пател.
Освен што може да предизвика грчеви и непријатност, вентилаторот може да ги влоши и постојните проблеми со мускулите и зглобовите.
Суви очи, уста и кожа
Д-р Пател го споредува влијанието на вентилаторот врз кожата со престој во авион за време на долг лет. Таа советува пред спиење и по будењето да нанесете хидратантна крема за да спречите сушење и иритација на кожата.
Струењето на воздухот може да ги исуши и очите. Оптометристката Тина Пател предупредува дека поради тоа очите можат да станат суви, иритирани и чувствителни, со непријатно чувство како да има песок во нив, особено ако вентилаторот дува директно кон лицето.
„Овој ефект е уште поизразен во простории кои и онака се топли и суви, како и кај луѓето со чувствителни очи“, вели таа.
На лицата кои носат контактни леќи и имаат суви или печат очи им препорачува да користат вештачки солзи и навечер да носат очила наместо леќи.
Сето тоа може негативно да влијае и врз квалитетот на сонот.
„Многу луѓе кои ми се обраќаат поради често будење мислат дека причината е стрес или анксиозност, а всушност ги чувствуваат последиците од исушените дишни патишта поради вентилаторот“, вели Пеникот-Колиер.
Како правилно да користите вентилатор
Ако не сакате да се откажете од вентилаторот, постојат неколку едноставни начини да ги намалите неговите негативни ефекти.
Експертите советуваат вентилаторот да не биде насочен директно кон вас, туку кон ѕидот или таванот, за воздухот рамномерно да се распоредува низ просторијата.
Уште подобро е вентилаторот да го поставите во ходникот и да ја оставите отворена вратата од спалната соба за воздухот да циркулира. Просторијата може да ја разладите пред легнување или да користите тајмер што автоматски ќе го исклучи вентилаторот по еден час.
За да ја намалите количината на прашина во воздухот, редовно чистете ги перките на вентилаторот, усисувајте и бришете прашина во спалната соба.
Натали Пеникот-Колиер потсетува и на важноста од доволен внес на течности.
„Пијте доволно вода во текот на денот и држете чаша вода покрај креветот. Добрата хидратација е најдобрата заштита од сушење“, советува таа.
Доколку и понатаму имате тегоби од користењето на вентилатор, размислете за други начини на разладување, како што се наддушеци што ја регулираат температурата или постелнина изработена од природни и дишливи материјали.



