Старосната граница за пензионирање во Европската Унија во следните децении се очекува постепено да се зголемува, при што во околу две третини од земјите членки ќе има повисока возраст за пензионирање кај мажите, а во три четвртини кај жените.
Според анализата на „Euronews“, базирана на податоците за 32 земји и извештајот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) „Пензиите на прв поглед 2025“, просечната старосна граница во ЕУ до крајот на 2060-тите години се очекува да достигне 66,9 години за мажи и 66,6 години за жени.
Тоа претставува зголемување од околу 2,1 година за мажите и 2,6 години за жените во однос на лицата кои се пензионирале во 2024-та година.
Според анализата, 21 земја ќе ја зголемат старосната граница за мажите, додека 24 земји ќе воведат повисока граница за жените.
Причината за ваквите промени е стареењето на населението и потребата од одржливост на пензиските системи. ОЕЦД предупредува дека во следните 25 години бројот на постари лица значително ќе се зголеми.
Во 2025-та година, на секои 100 лица на возраст од 20 до 64 години има околу 33 лица постари од 65 години. До 2050-та година се очекува овој број да се зголеми на 52, додека во 2000-та година изнесувал само 22 лица.

Данска со највисока проектирана граница
Според сегашните податоци, највисока старосна граница за мажи од 67 години имаат Данска, Норвешка, Исланд и Холандија.
Најниска граница има Турција со 52 години, додека во Грција, Словенија и Луксембург таа изнесува 62 години.
Кога станува збор за идните генерации работници, Данска би можела да има највисока старосна граница – до 74 години, додека во Естонија би изнесувала 71 година, а во Италија, Холандија, Шведска и Кипар околу 70 години.
Во Словенија и Луксембург проектираната возраст за пензионирање кај мажите би останала најниска – 62 години.
Најголеми промени во Турција
Најголем пораст на старосната граница кај мажите се очекува во Турција, каде што би се зголемила за 13 години – од 52 на 65 години.
Кај жените, најголемото зголемување повторно би било во Турција – за 14 години, од 49 на 63 години.
Данска, Италија, Естонија, Словачка и Кипар исто така се меѓу земјите каде што се очекуваат значителни зголемувања.
Кај жените, Данска би имала највисока иднина старосна граница од 74 години, следена од Естонија со 71 година и Италија, Холандија, Шведска и Кипар со околу 70 години.

Зошто земјите ја зголемуваат возраста за пензионирање?
Зголемувањето на старосната граница е една од најчестите мерки со кои владите се обидуваат да ја зачуваат финансиската стабилност на пензиските системи, без директно намалување на пензиите.
Како алтернативи се наведуваат зголемување на придонесите или намалување на пензиските бенефиции.
Сепак, во некои земји идните промени ќе зависат и од движењето на животниот век. Данска, на пример, разгледува можност за промени во автоматската поврзаност меѓу животниот век и возраста за пензионирање, што би можело да ја намали проектираната граница од 74 години.



