Банкарскиот гигант „UBS Group“ најави нова програма за откуп на сопствени акции во вредност од 3 милијарди долари, која ќе трае до средината на 2027-ма година. Со овој потег банката им обезбедува поголема сигурност на инвеститорите во услови на продолжена неизвесност околу капиталните барања, објави „Bloomberg“.
Програмата, која е продолжение на претходната програма со исто вредност од 3 милијарди долари, завршена овој месец, ќе започне со откуп на акции во вредност од најмалку 1 милијарда долари во следните три месеци, соопшти банката со седиште во Цирих.
Во четвртокот беше објавено и дека нето добивката на „UBS“ во вториот квартал изнесувала 2,8 милијарди долари, што е над очекувањата на аналитичарите.
Во овој период „UBS“ имаше корист од зголемената трговска активност, која донесе рекорден прилив на капитал кај конкурентите од Волстрит, како и поголем број нови средства од клиентите во секторот за управување со богатство.
Силните приходи во последователни квартали ѝ помагаат на банката да ги ублажи последиците врз вредноста на акциите предизвикани од дебатата за капиталните барања во Швајцарија, каде што „UBS“ би можела да биде принудена да одржува дополнителен капитал вреден милијарди долари.
Во својата прогноза „UBS“ предупреди на предизвиците во следниот квартал поради продолжената геополитичка неизвесност и нестабилните цени на енергенсите. Сепак, од банката наведуваат дека активноста на клиентите останува „здрава“.
Новите нето средства пристигнати во меѓународната единица за управување со богатство изнесувале 36 милијарди долари, значително над очекувањата на аналитичарите од 21 милијарда долари.
Приходите во инвестициското банкарство се зголемиле за 26 отсто, поттикнати од тргувањето со финансиски инструменти и советодавните активности.
„UBS“ објави и документ од 28 страници во кој ги изложува своите аргументи во дебатата за капиталните барања во Швајцарија, која се движи кон повисоки политички нивоа.
Швајцарската влада сака да ја принуди банката да го зголеми основниот капитал што го поседува во земјата во однос на капиталот поврзан со странските операции, од сегашните 60 на 100 отсто од вредноста на секоја единица.
Од „UBS“ проценуваат дека таквата мерка би барала дополнителни околу 22 милијарди долари капитал од прв ред и би ја намалила конкурентноста на банката.
Акциите на „UBS“ достигнаа рекордни нивоа во средината на јули, иако нивниот раст сè уште заостанува зад оној на европските конкуренти.



