Централните банки купиле значително помалку злато на почетокот на годината отколку што се проценуваше претходно. Иако подоцна побарувачката се опоравила, се очекува купувањето во текот на оваа година да биде послабо, се наведува во извештај на Светскиот совет за злато (World Gold Council – WGC), пренесува „Bloomberg“.
Во првиот квартал централните банки купиле само 57 тони злато, што е за 187 тони помалку од претходните проценки, наведува организацијата во извештајот објавен во четвртокот.
Според податоците на „WGC“, тоа е најслабиот почеток на годината во последната деценија, а ревидираните податоци укажуваат дека вкупното темпо на купување во 2026-та година најверојатно ќе остане под нивото од 2025-та година.
Првичната проценка ги охрабри инвеститорите кои очекуваа дека централните банки – еден од главните двигатели на повеќегодишниот раст на цената на благородниот метал – повторно активно се враќаат на пазарот, откако цените се намалија од рекордните нивоа.
Од почетокот на војната меѓу САД и Израел во Иран на крајот на февруари, златото изгубило околу една четвртина од својата вредност, бидејќи повисоките трошоци за енергенси ги зголемиле стравувањата од забрзување на инфлацијата и ги одложиле очекувањата за намалување на каматните стапки.
Голем дел од купувањата на централните банки вклучени во проценките на „WGC“ не се официјално објавени од самите монетарни власти. Консултантската компанија „Metals Focus Ltd.“ ги изработува овие проценки за организацијата користејќи комбинација од јавно достапни податоци, трговска статистика и сопствени пазарни анализи.
Сепак, побарувачката од страна на централните банки значително се опоравила во периодот од април до јуни, кога нето-купувањата достигнале 289 тони – рекордно ниво за втор квартал.
Најголем купувач била Полска со 51 тон злато, со што нејзините купувања во првата половина од годината достигнале вкупно 82 тони. Кина во вториот квартал купила 33 тони.
Откако цената на златото се намали од рекордното ниво достигнато во јануари поради очекувањата за построга монетарна политика, од крајот на јуни металот наоѓа поддршка околу 4.000 долари за една тројна унца, а инвеститорите ги користат падовите до ова ниво за нови купувања.
Повисоките трошоци за задолжување обично вршат притисок врз цената на благородниот метал, бидејќи златото не носи приход од камати.



