„Mercedes-Benz“ официјално ја претстави новата генерација на моделот „GLA“, која носи значителни промени во дизајнот, технологијата и погонските системи.
Компактниот „SUV“ доби препознатлива нова маска на ладилникот со опционално осветлување, каква што веќе е видена кај новата „C“ класа, LED светла со мотив на трокрака ѕвезда, скриени рачки на вратите и модернизиран заден дел.

Новиот „GLA“ е поголем од својот претходник – долг е 4.565 милиметри, широк 1.873 милиметри и висок 1.604 милиметри. Меѓуоскиното растојание е зголемено за 61 милиметар и сега изнесува 2.790 милиметри, што овозможува повеќе простор во кабината и багажникот.
Багажникот има основен капацитет од 410 литри, кој може дополнително да се зголеми со преклопување на задните седишта.
Кај електричните верзии достапен е и преден багажник („frunk“) со капацитет од 107 литри.

Дигитална кабина
Внатрешноста ги презема решенијата од новиот „CLA“ модел.

Стандардно доаѓаат 10,25-инчна дигитална инструмент-табла и 14-инчен мултимедијален екран, додека како опција е достапен „MBUX Superscreen“ со дополнителен екран за совозачот, кој овозможува пристап до апликации како „YouTube“ и „Disney+“.
Меѓу опремата се наоѓаат и панорамскиот „Sky Control“ покрив со променлива транспарентност, како и аудиосистемот Burmester 3D со 16 звучници.

Три електрични верзии
Понудата ја отвора „GLA 200 Electric“ со електромотор од 224 коњски сили, батерија од 58 kWh и автономија до 447 километри според „WLTP“ стандардот.
Следува „GLA 250+ Electric“, кој развива 272 коњски сили, користи батерија од 85 kWh и може да помине до 657 километри со едно полнење.
Брзото полнење овозможува дополнување енергија за околу 270 километри возење за само 10 минути.
На врвот на понудата се наоѓа „GLA 350 4MATIC Electric“ со два електромотори, погон на сите четири тркала и вкупна моќност од 354 коњски сили.
Од 0 до 100 километри на час забрзува за 5,4 секунди, а автономијата изнесува до 643 километри.

Хибридот пристигнува следната година
„Mercedes“ потврди дека во текот на следната година ќе пристигнат и хибридни верзии со 1,5-литарски турбо бензински мотор, електромотор од 30 коњски сили и осумстепен автоматски менувач со двојна спојка.
Се очекуваат верзии со 193 и 220 коњски сили.
Новиот „GLA“ ќе биде достапен и со системот „MB.Drive Assist“, кој овозможува напредно полуавтономно возење од второ ниво.
Продажбата ќе започне подоцна оваа година, кога ќе бидат познати и цените.



