Новиот извештај на технолошката аналитичка компанија „Omdia“ покажува дека глобалната продажба на паметни телефони паднала за шест проценти на годишно ниво, намалувајќи се на 272 милиони уреди во вториот квартал од 2026-та година.
Пазарот кој веќе подолг период стагнира, сега се соочува со последиците од актуелната криза со мемориските компоненти и зголемените трошоци за производство. Се очекува нарушувањата во синџирите на снабдување да продолжат најмалку до крајот на 2026-та година, а можеби и подолго.
Иако падот од шест проценти на прв поглед не изгледа драматично, анализата на „Omdia“ покажува дека испораките на паметни телефони ширум светот се во постојан пад од крајот на 2025-та година.

Најсилно се погодени традиционално подостапните брендови, како „Xiaomi“ и „Oppo“, чии испораки се намалиле за 26, односно 17 проценти во споредба со истиот период минатата година. На падот влијаеле зголемувањето на цените на одредени пазари и намалувањето на понудата на модели.
Се очекува токму паметните телефони од пониската класа да претрпат најголеми поскапувања во наредните месеци.
На другиот крај од пазарот, „Samsung“ забележал продажба од 60,5 милиони уреди, што претставува благ годишен раст и го зголеми неговиот удел на пазарот на 22 проценти.
Овој успех доаѓа и покрај фактот што мобилната дивизија на компанијата забележала прва загуба во вториот фискален квартал, што се припишува на падот на оперативната добивка поради зголемените трошоци.
Сепак, „Samsung“ истовремено е еден од најголемите производители на мемориски и складишни компоненти, кои се особено барани од компаниите што развиваат вештачка интелигенција. Продажбата во овој сектор значително пораснала, што резултирало со рекордни квартални приходи во вториот квартал од 2026-та година.
„Apple“, исто така, го забележал најуспешниот втор квартал во својата историја, со испорачани 55,1 милиони уреди, што претставува раст од 23 проценти на годишно ниво. Со тоа компанијата го зголемила својот пазарен удел на 20 проценти.
Моделот „iPhone 17“ бил особено успешен за „Apple“ во 2026 -та година, а компанијата досега успевала да избегне зголемување на цените на своите телефони, за разлика од повеќето други производни категории.
Се очекува „Apple“ лансирањето на серијата „iPhone 18“ да го подели во два одделни термини. Поскапите „Pro“ и „Ultra“ модели најверојатно ќе бидат претставени во традиционалниот есенски период, додека стандардниот „iPhone 18“, „iPhone 18e“ и „iPhone Air 2“ би пристигнале напролет 2027-ма година.



