ПочетнаКОМПАНИИБАНКИКомерцијална банка оствари добивка од над 45 милиони евра за првото полугодие

Комерцијална банка оствари добивка од над 45 милиони евра за првото полугодие

Комерцијална банка АД Скопје во периодот од 01.01. до 30.06.2026 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 2.798,2 милиони денари, наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 2.960,1 милион денари, што претставува намалување за 5,5 %. И покрај ваквото намалување, сепак планираната бруто-добивка за првото полугодие од годинава е остварена со 110,9 %.

Позитивниот финансиски резултат е остварен во услови на зголемени ризици од надворешното окружување и продолжена неизвесност на глобалните пазари, велат од Банката.

Новиот воен конфликт на Блискиот Исток и натамошните геополитички тензии предизвикаа нарушувања во снабдувањето со нафта и гас, раст на цените и влошени економски изгледи на глобално ниво. Во рамки на домашната економија, овие фактори се одразуваат преку зголемени инфлаторни притисоци и очекувања за намален економски раст, и покрај стабилната побарувачка и поддршката од јавните инвестиции. Поради присутните економски последици од геополитичките случувања, неизвесноста околу темпото на целосна стабилизација и притисоците врз инфлацијата, како и зголемените каматни стапки од страна на ЕЦБ, во текот на јуни НБРСМ изврши умерено затегнување на монетарната политика што резултираше со зголемување на основната каматна стапка за 0,25 п.п. до нивото од 4,25 %. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 6,1 % пониска во однос на истиот период минатата година. Намалувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува намалените останати приходи од дејноста, како и помал износ на реализирани нето позитивни курсни разлики.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.336,2 милиони денари и бележат намалување од 3,3 % во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите се зголемени за 2,4 % во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 103,5 %. Приходите по основ на камата бележат зголемување за 3,4 %, при што најголем пораст бележат приходите од камата остварени од секторот држава поради зголемените пласмани во државни хартии од вредност. Пораст бележат и приходите од камата од домаќинствата и од нефинансиските друштва како резултат на зголемено кредитирање.

Расходите по основ на камата бележат зголемување од 10,2 % поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,63 % на крајот од вториот квартал од минатата година, на 3,45 % на 30.06.2026 година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци на 30.06.2026 година изнесуваат 661,5 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат зголемување од 6,6 % како резултат на зголемен обем на работење со клиентите во повеќето деловни активности, во услови на извршени намалувања на надоместоците од доменот на платежните услуги во земјата. Планот за анализираниот период е остварен со 110,2 %.

Нето-приходите од курсни разлики на 30.06.2026 година изнесуваат 198,8 милиони денари и бележат намалување од 8,4 % во однос на истиот период минатата година, додека Планот за анализираниот период е остварен со 109,2 %.

Останатите приходи од работењето на Банката на 30.06.2026 година изнесуваат 407,4 милиони денари и бележат намалување од 38,6 % во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради намален износ на реализирана капитална добивка од продажба на преземен имот. Планот е остварен со 81,9 %.

Оперативните расходи за периодот 01.01. – 30.06.2026 година изнесуваат 1.256,7 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се зголемени за 4,4 %, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. Планот е остварен со 84,3 %.

Нето исправката на вредност на финансиските средства заклучно со 30.06.2026 година изнесува 281,3 милиони денари и бележи намалување од 10,9 % во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 315,5 милиони денари. Планот е остварен со 92,7 %.

Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП