Компаниите „Meta Platforms“ и „BlackRock“ ќе формираат заедничко претпријатие за изградба и управување со комплекс од центри за податоци со капацитет од еден гигават во американската сојузна држава Тексас, со што се приклучуваат на бранот големи инвестиции во инфраструктурата што ја напојува вештачката интелигенција.
Изградбата на комплексот во Ел Пасо ќе чини околу 14 милијарди долари, соопшти „Meta“. Според најавите, центарот ќе започне со работа во 2028-ма година, а во почетната фаза „Meta“ ќе биде единствениот закупец.
Фондовите на „BlackRock“ ќе поседуваат 80 проценти од проектот, додека „Meta“ ќе го задржи преостанатиот 20-процентен удел.
Технолошките компании, меѓу кои „Alphabet“, „Amazon“, „Meta“ и „Microsoft“, забрзано ја прошируваат својата мрежа на центри за податоци во обид да обезбедат доминација на сè уште брзорастечкиот пазар на алатки базирани на вештачка интелигенција.
Овој досега невиден инвестициски бран се финансира преку комбинација од сопствен капитал, приватни инфраструктурни фондови, задолжување и државни инвестициски фондови.
„Meta“ првично ќе вложи земјиште и други средства во вредност од околу 2,3 милијарди долари, а за тоа ќе добие еднократна исплата од една милијарда долари.
„BlackRock“ ќе инвестира околу 4,9 милијарди долари во готовина, додека дел од средствата ќе бидат обезбедени преку задолжување во износ од 12,5 милијарди долари. Продажбата на обврзници завршила по речиси еднонеделен процес, во кој првично интересот на инвеститорите бил помал од очекуваниот.
Проектот во Ел Пасо е дел од иницијативата „Meta Compute“, преку која компанијата гради инфраструктура за вештачка интелигенција и планира да продава пристап до вишокот компјутерска моќ.
„Meta“ ќе склучи договор за закуп на комплексот со почетен рок од четири години, со можност за продолжување.
Претходно оваа година компанијата ја зголеми прогнозата за капиталните инвестиции за 2026-та година на меѓу 125 и 145 милијарди долари, главно поради значителните вложувања во инфраструктура за вештачка интелигенција и повисоките цени на компонентите.



