Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека првичниот предлог на Европската комисија за буџетот на Европската Унија (ЕУ), кој изнесува речиси два трилиона евра, треба да биде намален за неколку стотици милијарди евра. Тој оцени дека е „неприфатливо“ истовремено да се предвидува отворање на 2.500 нови работни места во институциите на ЕУ, објавува „Politico“.
На заедничката прес-конференција со ирскиот премиер Михаел Мартин, Мерц го оцени предлогот на Европската комисија како „неприфатлив“ и „неурамнотежен“.
„Затоа ни е потребен предлог-буџет со кратења во сите области – вкупно од неколку стотици милијарди евра. Таквите кратења се неопходни“, изјави германскиот канцелар.
На прашање на „Politico“ дали станува збор за намалување од 400 милијарди евра, како што беше наведено во германски документ објавен кон крајот на минатиот месец, Мерц одби да навлегува во детали, повикувајќи се на тековните преговори.
Канцеларот остро го критикуваше и планот на Европската комисија за проширување на администрацијата на Унијата, за кој Брисел тврди дека е неопходен поради зголемениот обем на работа предизвикан од актуелните геополитички кризи.
„Неприфатливо е сега да се отвораат 2.500 нови работни места во европските институции. Тоа нема да го прифатиме“, рече Мерц, потсетувајќи дека Германија планира до 2029-та година да ја намали сопствената администрација за осум проценти.
Како претседавач со Советот на Европската Унија, Ирска ќе треба да подготви нов предлог-буџет пред самитот на лидерите на ЕУ, кој треба да се одржи во октомври.
Михаел Мартин ќе се соочи со сложена задача да го усогласи германското барање за кратење на буџетот со ставовите на земјите кои се залагаат за негово зголемување, меѓу кои се Италија, Шпанија и Полска.
Предлогот на претходното кипарско претседателство со Советот на ЕУ за намалување на буџетот за два проценти беше оценет како недоволен од Германија и нејзините северноевропски сојузници.
На прес-конференцијата, ирскиот премиер беше воздржан во одговорот на германските барања, изјавувајќи само дека „внимателно ќе го сослуша канцеларот за тоа што е важно за него и за Германија“. Тој изрази надеж дека, доколку сите страни пристапат конструктивно кон преговорите, договор би можел да биде постигнат до крајот на годината.
Минатата година Европската комисија предложи пет нови сопствени извори на приходи, меѓу кои повисоки акцизи за тутунските производи и контроверзен данок за европските компании. Целта е да се обезбедат средства за растечките трошоци за одбраната и конкурентноста, без целосно да се потпира на повисоки придонеси од земјите членки.
Германија категорично се спротивстави на предлогот за данок врз компаниите и ги отфрли обидите на Европската комисија преку изземање на малите и средни претпријатија да обезбеди компромис.



