Се очекува растот на платите во еврозоната повторно да забрза до почетокот на 2027-ма година, иако ќе остане значително под претходните највисоки нивоа, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ), пренесува „Bloomberg“.
Индексот на ЕЦБ за следење на движењето на платите, објавен во средата, покажува дека платите ќе пораснат за 2,7 проценти на годишно ниво во првиот квартал од следната година, откако во третиот и четвртиот квартал од оваа година ќе забележат раст од 2,6 проценти.
Ова претставува побрзо темпо во однос на претходните прогнози за првата половина од годината, но сè уште е значително под рекордниот раст од 5,2 проценти, регистриран во 2024-та година.
„Ова зголемување во текот на годината е резултат на слабеењето на механичкиот ефект од големите еднократни исплати што беа реализирани во 2024-та година, но не и во 2025-та година“, се наведува во соопштението на ЕЦБ.
Од Европската централна банка внимателно ги следат движењата на платите додека се обидуваат да спречат поскапувањето на енергенсите, предизвикано од војната меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, да предизвика траен циклус на раст на платите и цените, сличен на оној што следуваше по руската инвазија врз Украина во 2022-ра година.
Иако минатата недела ЕЦБ ги остави каматните стапки непроменети, по нивното зголемување за 0,25 процентни поени во јуни, извори запознаени со процесот тврдат дека креаторите на монетарната политика се подготвени повторно да ги зголемат каматните стапки во септември, освен ако изгледите за инфлацијата значително не се подобрат.
Претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард, истакна дека најновите показатели го потврдуваат очекуваното „постепено забавување на растот на платите“, додавајќи дека „ниту еден од овие фактори засега не покажува знаци на секундарни ефекти“.



