Кинеската компанија „Honor“ одржа специјален настан на кој ги претстави деталите за камерите на својот долгоочекуван уред „Robot Phone“ – смартфон кој треба да донесе ново ниво во мобилната фотографија и видеоснимањето.
Како прв уред создаден во партнерство со легендарниот германски бренд за професионални филмски камери „Arri“, „Robot Phone“ носи неколку значајни иновации.
Меѓу новитетите се нативното „LogC3“ видео кодирање, обработката на боите преку „LUT“ систем директно на уредот, како и специјалниот „Cinema“ режим, кој треба да го имитира изгледот и чувството на снимање со професионалните филмски камери на „Arri“.
Од компанијата „Honor“ открија и дека „Robot Phone“ има повеќе од 100 патенти поврзани со неговиот развој.
Главната ѕвезда на уредот е камерата од 200 MP поставена на „gimbal“ систем за стабилизација. Главната камера користи сензор со големина од 1/1,28 инчи, со отвор на блендата f/1.6, а за обработка на сликите е задолжен сопствениот процесор на „Honor“ наречен „Yuguang H1“.
Покрај новиот процесор за обработка на фотографии, „Honor“ разви и специјален „gimbal“ мотор кој тежи само 2,6 грама и треба да обезбеди подобра стабилизација при снимање.
„Robot Phone“ ќе има и перископска камера од 200 MP, како и ултраширок аголен модул од 50 MP.
Според досегашните информации, уредот ќе биде опремен со дисплеј од 6,3 до 6,4 инчи, процесор „Snapdragon 8 Elite Gen 5“ и батерија со капацитет од 6.000 mAh.
Повеќе детали за новиот смартфон се очекуваат пред официјалното претставување на „Robot Phone“, кое е најавено за 12-ти август.



