Европа влегува во зимската сезона со загрижувачки нестабилно снабдување со енергија, бидејќи конфликтите на Блискиот Исток и војната во Русија ги затегнуваат глобалните пазари на течен природен гас и гориво за греење, намалувајќи ги резервите на опасно ниско ниво, анализира колумнистот на „Reuters“, Рон Бусо.
Природниот гас и течните горива за греење се главните извори за загревање на домовите во Европа. Според официјалните податоци, гасот покрива околу 30 отсто од потрошувачката за греење во домаќинствата, додека течните горива околу 10 отсто. По низа години енергетски потреси, се чини дека Европа повторно ќе ја дочека зимата под силен притисок на двата енергетски пазари.
Ранливоста на Европа во однос на гасот во голема мера е последица на драматичната промена во енергетскиот систем по руската инвазија врз Украина во 2022-ра година. Европа брзо го замени рускиот гас што се испорачуваше преку гасоводи со течен природен гас (LNG), станувајќи еден од најголемите увозници во светот.
Оваа промена ја подобри енергетската сигурност на Европа бидејќи ја намали зависноста од Русија, но истовремено ја усложни состојбата на пазарот. Наместо долгорочни договори за испорака преку гасоводи, Европа сега се натпреварува со Азија и другите региони на глобалниот пазар на течен природен гас, каде прекините во снабдувањето можат речиси веднаш да се почувствуваат низ целиот свет.
Оваа ранливост станува сè поочигледна во последните месеци.
Кризата со течниот природен гас на Блискиот Исток
Европа заостанува зад темпото потребно за надополнување на резервите на течен природен гас пред зимата. Подземните складишта за гас во моментов се пополнети околу 55 отсто, што е најниско ниво за овој период од годината од 2021-ва година наваму, според податоците на „LSEG“.
Во исто време, увозот на течен природен гас во Европа бележи остар пад по избувнувањето на војната со Иран. Според компанијата „Kpler“, се очекува јулскиот увоз да достигне само 6,3 милиони метрички тони – најниско ниво од септември 2024-та година.
Една од причините е враќањето на Азија на пазарот. Побарувачката за течен природен гас во регионот значително се зголеми во последните месеци, при што во јуни и јули биле купени рекордни 4 милиони тони гас од САД, според „Kpler“. Овие набавки ги пренасочија испораките што инаку би биле наменети за Европа.
Кога Ормускиот Теснец накратко беше отворен по привременото мировно договорување меѓу САД и Иран во април, многумина се надеваа дека Катар, кој пред конфликтот обезбедуваше околу една петтина од светските испораки на течен природен гас, брзо ќе го обнови извозот.
Но повторното затворање на теснецот во последните недели, поради зголемените тензии меѓу САД и Иран, ги уништи тие очекувања.
Поради тоа европскиот пазар е сè позагрижен поради комбинацијата од ниски резерви, слаб увоз и влошени перспективи за снабдувањето. Референтните цени на гасот во Европа минатата недела се искачија над 60 евра за мегават-час, достигнувајќи го највисокото ниво од почетокот на 2023-та година.
Повисоките цени би требало да привлечат дополнителни испораки на течен природен гас кон Европа. Сепак, дури и доколку увозот се зголеми во следните месеци, постои опасност регионот да ја започне зимата со резерви значително под целното ниво од 80 отсто исполнетост.
Дизелот – нов енергетски проблем за Европа
Европа се соочува со слични предизвици и кај дизелот – пазар кој незабележливо стана една од најкритичните точки на енергетски притисок оваа година.
Регионот е силно зависен од увоз на дизел, а горивото има двојна улога во европската економија – го движи транспортот и индустријата, но исто така служи и како суровина за гориво за греење.
Наместо да се зголемуваат резервите во летните месеци, тие се намалуваат.
Војната во Иран ги наруши важните транспортни рути од Блискиот Исток и го намали извозот на дизел. Недостигот на испораки ги принуди потрошувачите да ги користат резервите, што доведе до најниско ниво на залихи во последните години.
Европските резерви на дизел се на најниско ниво од 2022-ра година. Во исто време, резервите во САД – најголемиот извозник на дизел во светот – во мај паднаа на најниско ниво во последните 23 години.
Ситуацијата дополнително ја усложнија политичките одлуки на два од најголемите извозници на гориво.
Кина го ограничи извозот на гориво по почетокот на војната во Иран, обидувајќи се да ги зачува сопствените резерви.
Русија, која во 2025-та година беше втор најголем извозник на дизел во светот, презеде мерки за забрана на извозот во јули, откако украинските напади со дронови оштетија дел од нејзините рафинерии и ја намалија достапноста на гориво на домашниот пазар.
Пред последната ескалација на војната во Украина, Русија извезуваше речиси еден милион барели дневно дизел, односно околу 12 отсто од светскиот извоз.
Последицата од ограничувањето на извозот беше огромен раст на маржите во рафинерискиот сектор. Разликите во цените на дизелот во Европа неодамна достигнаа рекордни речиси 65 долари за барел.
Поради високите цени, побарувачката почнува да опаѓа.
Според Меѓународната агенција за енергетика (МАЕ), потрошувачката на дизел во Европа во април паднала за повеќе од 6 отсто, на 5,53 милиони барели дневно.
Иако дел од падот се должи на преминот кон бензински и електрични автомобили, високите цени ги принудуваат и граѓаните и компаниите да ја намалат потрошувачката.
Дури и ако тензиите на Блискиот Исток брзо се намалат, штетата врз резервите веќе е направена. Светските пазари на течен природен гас и дизел најверојатно ќе останат со ограничена понуда уште неколку месеци, додека земјите повторно ги полнат резервите и се борат за ограничените количини.
Тоа ја прави Европа сè позависна од фактор што не може да го контролира – времето.
Блага зима би можела да обезбеди доволно време за избегнување на голема криза. Но долготраен студен бран, кој нагло ќе ја зголеми побарувачката за греење, може да покаже колку мал простор за грешка останал во европскиот енергетски систем.
По години на последователни кризи, Европа повторно се наоѓа пред сериозен енергетски предизвик доколку зимата биде сурова.



