ПочетнаКОМПАНИИ„Qualcomm“ прогнозира продажба на чипови за дата центри од 15 милијарди долари...

„Qualcomm“ прогнозира продажба на чипови за дата центри од 15 милијарди долари до 2029-та

Компанијата „Qualcomm“ објави дека очекува да оствари продажба во вредност од 15 милијарди долари од својот бизнис со дата центри до 2029-та година, додека го проширува работењето надвор од својот главен бизнис со чипови за паметни телефони. Оваа најава предизвика раст на акциите на компанијата за повеќе од 12 отсто во вонберзанското тргување во средата.

Финансискиот директор на „Qualcomm“, Акаш Палкхивала, за време на презентација пред инвеститорите изјави дека бизнисот со дата центри ќе донесе 5 милијарди долари приходи во фискалната 2027-ма година, од кои 1 милијарда долари ќе бидат остварени од нови клиенти за нарачки на специјално изработени чипови.

„Qualcomm“ исто така соопшти дека очекува приходи од 40 милијарди долари до 2029-та година од чипови надвор од својот главен пазар – паметните телефони. Тоа е значително зголемување во однос на претходната прогноза од 22 милијарди долари.

До тогаш, мобилните телефони ќе учествуваат со само една третина од приходите на компанијата од продажбата на чипови.

„Ќе бидеме навистина диверзифицирани“, изјави Палкхивала.

Акциите на „Arm Holdings“, компанијата која ја обезбедува основната технологија за голем број чипови на „Qualcomm“, исто така пораснаа за 5 отсто по објавувањето на прогнозата.

„Meta“ и „Microsoft“ меѓу клиентите

Претходно во текот на денот, „Qualcomm“ соопшти дека „Microsoft“ и „Meta Platforms“ ќе ги користат нејзините нови чипови за вештачка интелигенција, а компанијата ќе произведува и специјализирани чипови за уште два неименувани „хиперскалери“ – големи технолошки компании со огромна компјутерска инфраструктура.

Пренасочувањето на „Qualcomm“ кон „AI“ чипови го одразува зголемениот притисок на пазарот на паметни телефони, кој е погоден од недостигот на мемориски чипови поради огромниот раст на побарувачката за инфраструктура за вештачка интелигенција.

Дополнителен предизвик е и тоа што големи клиенти како „Apple“ и „Samsung“ почнаа самите да развиваат сопствени чипови.

Во средата производителот на чипови објави дека „Microsoft“ ќе ја користи новата категорија чипови на „Qualcomm“, која се потпира на поевтини мемориски чипови што се користат кај паметни телефони и лаптопи, наместо на скапите чипови со високи перформанси што ги користи „Nvidia“, како и „SRAM“ меморијата што ја користи „Cerebras Systems“.

„Qualcomm“ новата категорија ја нарекува „High Bandwidth Compute“ (HBC).

„Ова е огромна вредност што ја носиме во индустријата во однос на односот меѓу перформансите и цената“, изјави Тони Пијалис, раководител на одделот за дата центри во „Qualcomm“.

„Qualcomm“ соопшти дека „Meta“ ќе го користи новиот процесор наречен „Dragonfly C1000“, кој е специјално дизајниран за „AI“ дата центри.

Со ова компанијата влегува на пазар каде што и „Arm Holdings“ и „Nvidia“ се борат за клиенти.

Пијалис исто така изјави дека „Qualcomm“ добила два големи клиенти, познати како „хиперскалери“ во компјутерската индустрија, за кои ќе произведува специјални чипови. Приходите од овие договори треба да започнат уште пред крајот на оваа календарска година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП