ПочетнаАВТОБИЗ„Audi“ го претстави својот најголем SUV досега: Има стаклен покрив поголем од...

„Audi“ го претстави својот најголем SUV досега: Има стаклен покрив поголем од кревет (ФОТО/ВИДЕО)

„Audi Q9“ официјално беше претставен како директен ривал на „BMW X7“ и „Mercedes GLS“.

Со должина од 5.310 милиметри, ширина од 2.210 милиметри и меѓуоскино растојание од 3.140 милиметри, новиот „Q9“ е значително поголем од моделот „Q7“.

Во споредба со „Q7“, новиот „SUV“ е подолг за 250 милиметри, поширок за 200 милиметри и има 145 милиметри поголемо меѓуоскино растојание.

OLED светла и огромен стаклен покрив

Еден од најинтересните детали кај новиот „Audi Q9“ се новите закривени дигитални OLED задни светла, кои овозможуваат подобра видливост од различни агли и нудат различни светлосни анимации.

Во кабината доминира панорамскиот стаклен покрив со површина поголема од 1,5 квадратни метри. Напредната верзија овозможува електронско менување на проѕирноста во девет зони, додека осветлувањето го обезбедуваат 84 LED диоди со избор од дури 30 бои за амбиентално осветлување.

Вратите сами се отвораат и затвораат

„Q9“ добива електрично управувани врати кои можат да се отворат под агол до 90 степени.

Сензорите спречуваат удар во друго возило или пречка, а со вратите може да се управува и далечински преку апликацијата „myAudi“.

Стандардно, автомобилот доаѓа со седум седишта, додека како опција е достапна конфигурација со шест седишта и две луксузни индивидуални седишта во вториот ред.

„Audi“ нагласува дека и третиот ред седишта е доволно простран за возрасни патници.

Врвна технологија и безбедност

Меѓу опремата се наоѓа аудиосистемот „Bang & Olufsen“ со моќност од 1.360 W и 22 звучници, вклучително и звучници вградени во потпирачите за глава.

Посебно внимание привлекува безбедносниот систем кој може да препознае кога возачот не реагира.

Во таков случај автомобилот автоматски ја намалува брзината, може сам да се префрли во лента за запирање на автопат и да повика итна помош.

Мотори

На европскиот пазар „Audi Q9“ ќе го придвижува 3,0-литарски дизел шестцилиндричен мотор со 300 коњски сили, благ хибриден систем и осумстепен автоматски менувач.

За американскиот пазар е предвиден 2,9-литарски V6 бензински мотор со 435 коњски сили, додека спортската верзија „SQ9“ ќе користи 4,0-литарски V8 битурбо мотор со 600 коњски сили, кој забрзува од 0 до 100 километри на час за околу 3,8 секунди.

Стандардната опрема вклучува адаптивна воздушна суспензија и управување со задните тркала, што го олеснува маневрирањето и покрај големите димензии на возилото.

„Audi“ не очекува голема продажба на „Q9“ во Европа поради неговите огромни габарити, туку овој модел го гледа како клучен конкурент во сегментот на големи луксузни „SUV“ возила, пред сè на американскиот пазар.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП