Многумина имаат ПВЦ прозорци со години, ги отвораат, ги затвораат, ги бришат пред празник и толку. А ретко кој знае дека на самото крило има мал механизам кој може да направи голема разлика, особено кога надвор ќе застуди или кога летната жештина ќе почне да влегува низ секоја мала пукнатина.
Станува збор за подесувањето на притисокот на крилото врз гумата. Народски кажано, прозорецот може да „дихтува“ послабо или посилно. Не е некоја голема мајсторија, ама ако не се знае, човек со години може да мисли дека прозорот му е расипан, дека гумите се стари или дека мора да вика мајстор.
На бочната страна од крилото, таму каде што се затвора прозорецот, најчесто има мали метални цилиндри, таканаречени ексцентри или пинови. Со имбус клуч, клешта или рачно, зависно од моделот, тие можат малку да се завртат. Така се менува притисокот при затворање. Кога е подесен за постудени денови, крилото посилно налегнува на гумата. Кога е подесен полабаво, прозорецот не ја притиска гумата толку силно.
„Најголемата грешка е што луѓето мислат дека ПВЦ прозорецот е нешто што еднаш се монтира и повеќе не се чепка. Тој има оков, има гуми, има механизам. Сето тоа бара барем минимално одржување“, велат мајстори кои работат со столарија.
Во пракса, ова најмногу се забележува зиме. Ако покрај затворен прозорец чувствувате студен воздух, ако завесата благо се мрда или ако околу рамката се собира кондензација повеќе од вообичаено, можно е прозорецот да не притиска доволно. Не значи веднаш дека е за менување. Понекогаш е доволно само мало подесување.
Но тука има и една замка. Не треба секој прозорец по секоја цена да се стегне „до крај“. Премногу силен притисок може побрзо да ги истроши гумите, а рачката да стане потешка за вртење. Ако прозорецот тешко се затвора, ако шкрипи или ако мора да се турка со сила, тогаш нешто не е во ред.
„Добро подесен прозорец треба да се затвора лесно, но цврсто. Ако човек мора да ја влече рачката со сила, тоа не е добро дихтување, тоа е погрешно подесување“, објаснуваат познавачи на овој занает.
Економистите, пак, гледаат на ова од друга страна. Секое губење топлина низ прозорците значи подолго вклучено греење. Не секогаш станува збор за огромни суми, но во станови со повеќе прозорци, особено во постари згради или на ветровити страни, разликата се собира.
„Домаќинствата често бараат заштеда во големи инвестиции, а забораваат на малите работи. Ако прозорците не дихтуваат добро, дел од парите за греење буквално излегуваат низ рамката“, велат економисти кои ги следат трошоците на домаќинствата.
Освен подесувањето, важна е и гумата. Таа не треба да биде сува, испукана или тврда. Мајсторите советуваат еднаш до двапати годишно да се пребрише со влажна крпа, а потоа да се премачка со средство за гума или силиконски спреј. Не со сè што ќе се најде дома. Масла, агресивни средства и силни хемикалии можат да направат повеќе штета отколку корист.
Исто важи и за оковот. Малку подмачкување на металните делови може да го продолжи векот на прозорецот. Рачката ќе оди полесно, крилото ќе легнува подобро, а механизмот нема да се мачи секојпат кога ќе се затвори.
Сепак, не секој ПВЦ прозорец има ист систем. Кај некои модели подесувањето е едноставно, кај други е подобро да се викне мајстор. Особено ако прозорецот „виси“, ако крилото ја допира рамката или ако не може нормално да се затвори. Тогаш не е работа само за вртење на еден пин.
Малиот трик, значи, не е магија. Но може да помогне. Пред да се купуваат нови гуми, пред да се лепат самолепливи ленти и пред да се нервирате дека „дува од прозорецот“, вреди да се погледне оковот. Понекогаш решението е таму, на неколку сантиметри од рачката. Само никој не ви кажал.
Б.З.М.



