Летото е исклучително успешно за Шпанија. Се очекува економијата на земјата да порасне за 2,6 проценти во 2026-та година, што е значително побрзо од просекот на еврозоната, а прогнозите се дека растот ќе остане над два проценти и во следните неколку години.
Од 2019-та година наваму, Шпанија го удвои капацитетот за производство на енергија од ветер и сонце, а последиците од енергетските потреси предизвикани од војната на Блискиот Исток ги чувствува многу помалку од повеќето европски држави.
Дополнително, националната фудбалска репрезентација ја освои светската титула со тимска игра со која најпрво ја совлада Франција, а потоа и Аргентина, пишува „Bloomberg“.
Шпанија и нејзиниот долгогодишен премиер од левиот центар, Педро Санчез, во моментов би требало да бидат предмет на завист за многу Европејци, особено за либералните политички кругови. Земјата успеа истовремено да го намали буџетскиот дефицит, да ги зголеми социјалните трошоци и да ја искористи имиграцијата како двигател на економскиот раст.
Но, добрите вести во една членка на Европската Унија не секогаш се дочекуваат позитивно, па негативниот однос кон Мадрид не е само прашање на завист.
Шпанија денес се смета за пример како може да функционира политиката на отвореност. Имигрантите ги пополнуваат празнините на пазарот на трудот, особено во секторите со пониски плати, грижата за стари лица и земјоделството, со што ги намалуваат трошоците на работодавачите и го ублажуваат притисокот од стареењето на населението.
Во споредба со другите големи земји од еврозоната, населението на Шпанија расте многу побрзо. Од 2000-та година досега е зголемено за повеќе од 20 проценти, додека во Германија растот е помал од два проценти. Според анализите, токму имиграцијата придонесува со меѓу 25 и 40 проценти од растот на приходот по жител од 2022-ра година наваму, а истовремено ги зголемува и буџетските приходи.
Јасната поврзаност што Мадрид ја гледа меѓу имиграцијата, економскиот раст и стабилните јавни финансии ги охрабри властите да легализираат речиси еден милион нелегални мигранти. Тоа, пак, претставува сериозен политички проблем за многу европски влади кои се соочуваат со гласачи загрижени поради миграцијата.
Буџетската дисциплина предизвикува нови несогласувања
Друг извор на незадоволство е способноста на Шпанија да го намалува буџетскиот дефицит, со што трошоците за задолжување остануваат релативно блиски до германските. Но, според критичарите, тоа делумно се постигнува и на сметка на европските партнери.
Додека поголемиот дел од Европа бара начин да го финансира засиленото вооружување поради руската агресија и намалената американска поддршка, Шпанија одбива да ја прифати целта на НАТО за издвојување пет проценти од бруто-домашниот производ за одбрана.
Педро Санчез инсистира расходите да останат на околу 2,1 процент, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, смета дека земјата треба да достигне најмалку 3,5 проценти за да ги исполни своите обврски.
Шпанија бара заедничко европско задолжување
Мадрид истовремено се залага Европската Унија почесто да користи заедничко задолжување, што би овозможило поевтино финансирање за јужноевропските земји, но би ги оптоварило поштедливите држави од северот.
Заменикот на Санчез, Карлос Куерпо, неодамна предложи создавање Европски суверен инструмент, преку кој дел од јавниот долг на земјите-членки би се централизирал.
Иако ваквата идеја би можела да ги намали трошоците за задолжување, таа наиде на силен отпор кај министрите за финансии на еврозоната. Дури и Франција, која често ги поддржува ваквите иницијативи, предупреди дека ваквиот модел отвора сериозни прашања околу финансиската дисциплина и таканаречениот „морален хазард“.
Без сигурен механизам што ќе спречи прекумерно трошење од поединечни држави, тешко е да се оправда систем во кој сите членки би ја делеле одговорноста за заедничкиот долг.
Успех кој создава политички дилеми
Во време кога центристичките и умерено левичарските партии низ Европа би можеле да ја претстават Шпанија како успешен пример против екстремната десница, тие истовремено стравуваат дека некои од политиките на Санчез можат дополнително да ги зајакнат евроскептичните и антиинтеграциски движења.
Дополнително, шпанскиот модел на енергетска транзиција, кој во голема мера се потпира на сончевата енергија, не е лесно применлив во останатите европски земји.
Авторот заклучува дека Педро Санчез би можел да извлече поука од светските шампиони во фудбал. За разлика од Португалија, каде неуспехот често се поврзува со индивидуалниот пристап на Кристијано Роналдо, успехот на Шпанија бил изграден врз тимска игра.
Понекогаш, порачува авторот, победата доаѓа така што ќе му ја подадете топката на соиграчот, а не секогаш кога сами ќе се обидувате да постигнете гол.



