Фармацевтската компанија „AstraZeneca“ во понеделникот ги задржа своите годишни и долгорочни прогнози, настојувајќи да ги увери инвеститорите по неодамнешните неуспеси во клиничките испитувања, кои повторно го насочија вниманието кон нејзиното портфолио на лекови во развој. Ова следува и покрај тоа што компанијата оствари подобра добивка од очекуваната во вториот квартал.
Иако силната побарувачка за лекови за лекување рак и ретки болести продолжува да го поттикнува растот во услови на поширок ценовен притисок, инвеститорите бараат сигнали дека целта на фармацевтскиот гигант да достигне приходи до 80 милијарди долари до 2030-та година не е загрозена по неочекуваниот неуспех на едно клиничко испитување овој месец, пренесува „Reuters“.
Компанијата уште во 2024-та година ја постави целта до 2030-та година да остварува годишни приходи од 80 милијарди долари. Аналитичарите на „JPMorgan“ оценуваат дека таа цел останува достижна, бидејќи добивката во вториот квартал ги надмина прогнозите, а приходите беа речиси идентични со очекувањата.
Акциите на „AstraZeneca“ пораснаа за 1,5 проценти по објавувањето на резултатите, иако од почетокот на годината сè уште бележат пад од околу седум проценти и заостануваат зад конкурентот „GSK“. На подолг рок, сепак, вредноста на акциите е зголемена повеќе од четирикратно за време на 14-годишниот мандат на главниот извршен директор Паскал Сорио.
Разновидно портфолио
Широкото портфолио на „AstraZeneca“, кое опфаќа повеќе терапевтски области, голем број одобрени лекови и висока успешност во клиничките испитувања, ја издвојува компанијата од конкуренцијата.
Сепак, резултатите од две клучни доцни фази на клинички испитувања за лекови против рак ќе претставуваат важен тест за Сорио, по неуспесите на лекот за невролошки заболувања „Wainua“ и експерименталниот лек за рак на дојка „Camizestrant“.
„И понатаму сме уверени во силата на нашето портфолио на лекови во развој. Во следните 18 месеци очекуваме повеќе од 20 значајни резултати од клинички испитувања“, изјави Сорио.
Компанијата истовремено објави позитивни резултати од ново истражување за лекување рак на желудникот, додека друго испитување на лекот за ретки болести „Ultomiris“ не ја постигна главната цел кај пациенти со животозагрозувачки компликации по трансплантација на матични клетки.
Според аналитичарот на „eToro“, Адам Ветезе, растот очигледно забавува, а инвеститорите внимателно ќе ги следат резултатите од преостанатите онколошки испитувања до крајот на годината.
Компанијата ја задржа прогнозата
„AstraZeneca“ и понатаму очекува основната добивка по акција во 2026-та година да расте со двоцифрена стапка при непроменети девизни курсеви, додека вкупните приходи да се зголемат со средна до висока едноцифрена стапка.
Минатата година компанијата пријави раст на продажбата од околу осум проценти, а добивката се зголеми за околу 11 проценти.
Во периодот од април до јуни, основната добивка достигна 2,63 долари по акција, благодарение на пониските даночни обврски. Вкупните приходи пораснаа за пет проценти и достигнаа 15,38 милијарди долари, што е речиси во согласност со очекувањата на аналитичарите.
Продажбата во онколошкиот сегмент се зголеми за 15 проценти, пред сè поради силната побарувачка за лекот против рак на крвта „Calquence“, додека приходите од лековите за ретки болести пораснаа за осум проценти, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите на „JPMorgan“.
Компанијата истовремено ја зголеми и прогнозата за потенцијалната продажба на експерименталниот лек за респираторни заболувања „Tozorakimab“, проценувајќи дека може да надмине 5 милијарди долари, наместо претходно проектираните 3 милијарди долари.



