Утрото за многумина не почнува кога ќе седнат на работното биро, туку многу порано. Во автобус, во автомобил заглавен на семафори, на станица, во турканица, со кафе во рака и со поглед во часовник. Работниот ден формално почнува во осум, но за дел од вработените денот е одамна почнат уште пред да стигнат до вратата на фирмата.
Токму затоа сè почесто се отвора прашањето дали патот до работа треба да се смета како дел од работното време. Особено во градови каде што сообраќајот јаде по еден час наутро и уште еден попладне. Два часа дневно. Десет часа неделно. Практично уште еден работен ден, само неплатен.
Економистите велат дека темата не е едноставна, затоа што на хартија работното време се врзува со времето во кое работникот е на располагање на работодавачот. Ако човек оди од дома до своето редовно работно место, тоа најчесто не се смета како работа. Но, велат, има разлика меѓу обичен пат до канцеларија и патување кое е наметнато од работните обврски.
„Не може исто да се третира работник што секој ден оди во иста фабрика и сервисер што од дома тргнува директно кај клиент, по распоред направен од фирмата. Во вториот случај патот е дел од работата, а не приватна одлука на работникот“, објаснуваат познавачи на трудовото право.
Тука и почнува расправата. Ако работодавачот го одредува теренот, локацијата, клиентот, времето на пристигнување и редоследот на обврските, тогаш патувањето не е обично „одење на работа“. Тоа е дел од задачата. Работникот не оди каде што сака, не располага слободно со времето и не патува за лична потреба. Тој веќе работи, само не стои зад машина или пред компјутер.
Во Македонија ова прашање најчесто се отвора кај теренски работници, комерцијалисти, доставувачи, сервисери, монтажери, градежни работници и луѓе што секојдневно менуваат локации. Еден ден се во Скопје, другиот во Велес, третиот во Куманово. Работниот налог им е даден од фирмата, а патот е услов за да ја завршат задачата.
„Кај таквите професии мора да има појасни правила. Не е фер работникот да тргне во шест наутро, да стигне на терен во осум, да работи до четири, па да се врати дома во шест, а на платен список да му се бројат само осум часа“, велат економистите.
Од друга страна, работодавачите стравуваат дека целосно броење на патот до работа како работно време би донело големи трошоци. Особено кај фирми со многу вработени кои живеат подалеку од работното место. Прашањето е кој би ја носел цената за сообраќајниот хаос, за скапите кирии во близина на работните места и за тоа што луѓето сè почесто живеат далеку од местото каде што работат.
„Ако секој пат од дома до работа автоматски се плаќа како работно време, тоа ќе отвори сериозен проблем за фирмите. Но, ако патот е службен, ако е по налог, ако работникот оди од една до друга локација, тогаш тоа мора да биде признаено“, велат познавачи на пазарот на труд.
Синдикалната логика е поинаква и поедноставна. Работникот губи време, троши пари, станува порано, се враќа подоцна и на крајот од денот има помалку живот. За нив, барем дел од тоа време треба да се регулира, ако не преку плата, тогаш преку надомест за превоз, флексибилно работно време или работа од дома каде што е можно.
Во пракса, најреално решение не е сите да добијат платен пат до работа, туку да се направи јасна граница. Обичниот пат од дома до фиксно работно место тешко дека може да стане работно време. Но, патувањето по налог на работодавачот, патот меѓу две работни локации и одењето на терен не треба да се туркаат под тепих како „личен трошок“ на работникот.
Зошто на крајот, прашањето не е само кога се стигнува на работа. Прашањето е кога навистина почнува работниот ден. За некого тоа е моментот кога ќе ја отклучи канцеларијата. За друг, многу порано, уште кога ќе седне во возило со адреса што не ја избрал сам.
Б.З.М.



