„SAP“ оствари подобри од очекуваните приходи од продажбата на своите облачни услуги, бидејќи најголемата софтверска компанија во Европа ги поттикнува своите корпоративни клиенти да ги надградуваат системите и да воведуваат производи базирани на вештачка интелигенција.
Приходите од облачните услуги пораснале за 24 проценти, достигнувајќи 6,28 милијарди евра во вториот квартал, соопшти компанијата со седиште во Валдорф. Аналитичарите анкетирани од „Bloomberg“ очекуваа приходи од 6,26 милијарди евра.
Тековниот обем на договорени облачни услуги, показател за растот на продажбата во следните 12 месеци, во кварталот пораснал за 26 проценти, што исто така е над очекувањата.
Подобрите резултати во облачниот сегмент, кој претставува најголем дел од приходите на „SAP“, би можеле да ги намалат загриженостите кај инвеститорите дека клиентите го забавуваат воведувањето нови проекти.
Главниот извршен директор на компанијата, Кристијан Клајн, ги охрабрува клиентите на „SAP“, меѓу кои се речиси сите компании од листата „Fortune 500“, да ги надградат своите сложени деловни системи и да ги префрлат во облак, наместо да користат софтвер инсталиран локално.
Компанијата најави дека следната година ќе ја прекине редовната поддршка за постари верзии на софтверот, при што ги повикува клиентите да ја завршат миграцијата кон облачни услуги базирани на претплата за да избегнат повисоки трошоци.
Клајн ги пренасочи трошоците и ја реорганизираше управувачката структура на компанијата со цел да го забрза развојот на решенија со вештачка интелигенција и да се заштити од конкурентските производи, како што се моделите на „Anthropic“.
„SAP“ соопшти дека ќе го ограничи новото вработување и службените патувања за да обезбеди средства за инвестиции, а оваа година најави и две промени во раководството, при што одговорностите за развој на вештачката интелигенција се концентрирани кај Клајн и неговиот главен оперативен директор.
Сепак, дел од клиентите, од кои многумина се во процес на преминување кон облачни услуги, ја доведоа во прашање вредноста на првите алатки на „SAP“ во оваа област.
„Иако ‘SAP’ сè уште треба да ги стигне конкурентите, силниот раст на облачните услуги е добар знак. ‘SAP’ сè уште треба да направи повеќе за својата приказна за вештачката интелигенција да стане убедлива. Фактот дека целиот нејзин софтвер работи на иста платформа не е доволно убедлива причина компаниите да користат корпоративна вештачка интелигенција токму таму. ‘SAP’ има потреба од поконзистентна и појасна разлика во однос на својот пристап кон вештачката интелигенција “, изјави Ребека Ветеман, главен извршен директор и главен аналитичар во консултантската компанија „Valoir“.
Компанијата ја намали прогнозата за годишната оперативна добивка за повеќе од 100 милиони евра, на ниво меѓу 11,8 и 12,2 милијарди евра. Намалувањето се должи на трошоците поврзани со преземањето на компаниите „Dremio“ и „Prior Labs“ претходно овој месец.
„SAP“ исто така ја презеде компанијата „Reltio“, плаќајќи 1,26 милијарди долари за трансакцијата, која беше завршена во мај.



