Последниот извештај за миграцијата на богатите на „Henley & Partners“ покажува дека Франција во 2025-та година забележала нето загуба од 800 милионери.
На прв поглед изгледа дека богатите ја напуштаат земјата. Сепак, за споредба, во Франција сè уште живеат околу 2,4 милиони луѓе со нето богатство поголемо од 1 милион евра, проценува „UBS“, а пренесува „Еuronews“.
Не се согласуваат сите дека оданочувањето на богатите неизбежно води кон нивно заминување. Францускиот економист Тома Пикети тврди дека ризиците од одлив на капитал често се преувеличуваат и дека поголемата меѓународна соработка би можела да ги направи даноците на богатство многу поефикасни.
Пикети смета дека растечката нееднаквост во распределбата на богатството е поттикната од децениските даночни олеснувања за најбогатите домаќинства и посочува дека внимателно дизајнираните даноци врз богатството би можеле да ја намалат нееднаквоста без значително да им наштетат на инвестициите.
Критичарите, сепак, тврдат дека Франција веќе испробала многу од овие идеи. Според нив, дури и релативно мал број претприемачи и инвеститори кои ја напуштаат земјата можат непропорционално да влијаат врз економскиот раст, бидејќи тие поседуваат компании, финансираат нови бизниси и создаваат работни места.
Каде одат богатите?
Многу земји активно се обидуваат да привлечат богати мигранти. Обединетите Арапски Емирати остануваат една од најголемите дестинации во светот за богатите луѓе, благодарение на отсуството на данок на личен доход.
Во Европа, Италија се издвојува како една од најголемите добитнички, откако владата на Џорџа Мелони воведе фиксен данок од 15 отсто за квалификувани странски жители.
Според оваа шема, лицата кои ги исполнуваат условите можат да плаќаат фиксен годишен данок на приходите остварени во странство, без оглед на висината на нивната заработка надвор од Италија, што ја прави земјата привлечна за претприемачи и инвеститори со меѓународен имот.
Швајцарија долго време привлекува богати лица преку поволните даночни режими за одредени странски жители, додека Монако останува популарна дестинација за најбогатите Европејци поради отсуството на данок на личен доход.
Португалија, исто така, привлече илјадници богати мигранти преку даночниот режим за лица кои не се постојани жители, иако последните реформи ја направија оваа програма помалку поволна.
На крајот, нето загубата од 800 милионери за Франција претставува само мал дел од нејзиното богато население. Сепак, таа ја одразува пошироката дилема со која се соочуваат владите низ Европа: како да ги зголемат даночните приходи и да го решат проблемот со нееднаквоста, без да ги избркаат инвестициите и капиталот.
Иако Франција останува привлечно место за богатите поради очигледни причини, како што е квалитетот на животот, општата тенденција покажува дека дел од најбогатите француски граѓани сепак се преселуваат во други земји.
Минатата година секој милионер кој ја напуштил Франција со себе однел просечно по 5 милиони евра личен имот, што значи дека од земјата излегле околу 4 милијарди евра, проценува Францускиот институт за истражување на јавната администрација и политика (iFRAP).
Иако бројот на милионери кои ја напуштаат Франција е мал во однос на вкупното богато население, економистите предупредуваат дека загубата и на релативно мал број богати луѓе може да има големо економско влијание, бидејќи тие често поседуваат компании, инвестираат и создаваат значителни даночни приходи.
Зошто богатите Французи ја напуштаат земјата?
Не постои едно единствено објаснување зошто дел од најбогатите жители на Франција ја напуштаат земјата. Еден од факторите е продолжената политичка нестабилност, бидејќи во последните пет години се сменија шест премиери.
Земјата е оптоварена и со повторливи буџетски кризи и неизвесност околу тоа како идните влади ќе се справат со растечкиот јавен долг.
Можноста Марин Ле Пен да победи на претседателските избори во април 2027-ма година дополнително ја зголемува неизвесноста.
Иако нејзината партија „Национален собир“ се обидува да ги смири бизнисите и инвеститорите, економистите се сомневаат дали нејзините ветувања за зголемена потрошувачка можат да се усогласат со веќе оптоварените јавни финансии на Франција и фискалните правила на Европската Унија.
Друг важен фактор е растечката национална и меѓународна кампања за повисоко оданочување на богатите.
Последната битка за оданочувањето на најбогатите
Последната дебата во Франција се фокусира на предлогот на францускиот економист Габриел Зукман за воведување годишен данок од 2 отсто врз имотот на лицата кои поседуваат повеќе од 100 милиони евра.
Предлогот вклучуваше и таканаречен „излезен данок“, чија цел беше да спречи одлив на капитал. Според идејата, богатите лица кои ќе ја напуштат Франција би морале да го плаќаат овој данок уште пет години по преселувањето во странство.
Поддржувачите на идејата тврдат дека таканаречениот „данок Зукман“ би можел да донесе околу 20 милијарди евра годишно, а би погодил само околу 1.800 домаќинства.
Тие истакнуваат дека концентрацијата на богатството значително се зголемила во последните децении и дека најбогатите домаќинства треба да преземат поголем дел од товарот во финансирањето на јавните услуги.
Предлогот беше усвоен во Националното собрание минатата година, но беше блокиран во Сенатот. Подоцна беше отфрлен во Националното собрание за време на дебатата за буџетот за 2026-та година.
Мерката потоа беше заменета со Законот за финансии за 2026-та година, кој воведе данок од 20 отсто врз луксузни средства како јахти, приватни авиони, спортски автомобили и накит, кои се чуваат во пасивни семејни имоти со вредност од најмалку 5 милиони евра, наместо широк данок врз целокупното богатство.



