ПочетнаЗДРАВЈЕШто се случува со крвниот притисок кога ќе почнете да пиете повеќе...

Што се случува со крвниот притисок кога ќе почнете да пиете повеќе вода?

Доволниот внес на вода е клучен за здравјето, а особено е важен за регулирање на крвниот притисок. Човечката крв во најголем дел се состои од вода, па дехидратацијата директно влијае врз крвотокот.

„Кога сте дехидрирани, волуменот на крвта се намалува, а со тоа паѓа и крвниот притисок“, објаснува докторката Џасинта Ањаоку.

Сепак, овој пад на притисокот активира механизми за надоместување кои на долг рок можат да бидат штетни. Ањаоку додава дека тогаш организмот ги стеснува крвните садови и го задржува натриумот за повторно да го зголеми притисокот.

Честата или хронична дехидратација поради тоа го оптоварува срцето и крвните садови и го отежнува одржувањето на притисокот во здрави граници.

Од друга страна, добрата хидратација помага во одржување на нормален волумен на крвта и правилна циркулација.

Точното влијание на зголемениот внес на вода врз крвниот притисок зависи од моменталното ниво на хидратација и од тоа дали станува збор за привремена промена на притисокот или за хронична хипертензија, пишува „EatingWell“.

Регулација на притисокот и циркулацијата

Зголемениот внес на вода може да придонесе за намалување на крвниот притисок, особено кај лицата кои подолго време се дехидрирани.

Недостатокот на вода во организмот ја зголемува концентрацијата на натриум во крвта, што поттикнува лачење на хормонот вазопресин. Тој ги поттикнува бубрезите да задржуваат вода, но истовремено ги стеснува крвните садови, што може да доведе до зголемување на крвниот притисок.

Со внесување доволно вода овој процес може да се ублажи, а притисокот да се нормализира.

„Кога сте добро хидрирани, телото нема потреба да активира механизми за надоместување кои се појавуваат при дехидратација“, вели Ањаоку.

„Тоа им овозможува на крвните садови да останат поопуштени, па како резултат на тоа притисокот се намалува.“

Ако лицето веќе внесува доволно течности и има нормален притисок, редовното пиење вода помага во одржување на таа состојба и на нормалната циркулација.

Помал ризик од хипертензија

Освен што може да го намали високиот крвен притисок, доволниот внес на вода може да го намали и ризикот од развој на хипертензија.

„Големо долгорочно истражување објавено во списанието Frontiers in Public Health следело возрасни лица девет години. Резултатите покажале дека испитаниците кои пиеле шест или повеќе чаши обична вода дневно имале помал ризик од развој на хипертензија во споредба со оние кои пиеле една чаша или помалку“, истакнува Ањаоку.

Иако се потребни дополнителни истражувања за целосно разбирање на оваа врска, редовната хидратација е едноставна навика која го поддржува здравјето на целиот кардиоваскуларен систем.

Некои истражувања покажуваат дека лицата со хипертензија често се послабо хидрирани, што дополнително ја нагласува важноста на водата.

„На долг рок, зголемениот внес на течности може да го поттикне исфрлањето на натриумот и така да го намали притисокот“, вели нутриционистката Патриша Колеса.

Привремено зголемување на притисокот

Иако водата најчесто придонесува за регулирање на притисокот, во одредени ситуации може привремено да го зголеми, што може да биде корисно.

Тоа се случува кај луѓе кои чувствуваат нагло паѓање на притисокот при станување, проследено со вртоглавица или несвестица.

Иако ова може да му се случи на секого, особено е изразено кај лицата со ортостатска хипотензија.

Кај оваа состојба систолниот притисок се намалува за 20 mmHg или повеќе, а дијастолниот за 10 mmHg или повеќе во рок од три минути по станувањето.

Во такви ситуации, брзото пиење од 300 до 500 милилитри вода, односно приближно две чаши, може да помогне во зголемување на притисокот.

Овој привремен ефект може да се појави и кај здрави лица. Причината е двојна: внесот на вода го зголемува волуменот на крвта, а со тоа и притисокот во крвните садови.

Дополнително, брзото пиење вода го стимулира симпатичкиот нервен систем, односно телесниот одговор „борба или бегство“, кој активира реакции меѓу кои е и стеснување на крвните садови, што на крајот го зголемува притисокот.

Практични совети за подобра хидратација

Едно е да знаете дека треба да пиете повеќе вода, а друго е навистина да го направите тоа. Експертите даваат неколку практични совети.

Пиењето вода не е единствениот начин за хидратација. Помага и консумирањето намирници со висок процент на вода.

„Овошјето и зеленчукот како лубеница, краставици, портокали и јагоди содржат многу вода“, вели Ањаоку и додава:

„Тие истовремено обезбедуваат калиум и други хранливи материи кои придонесуваат за одржување на здрав крвен притисок.“

Направете го пиењето вода навика. Редовно носете шише вода со себе, а дома трудете се секогаш да имате чаша вода во близина за да внесувате течности навреме и да ја спречите жедта.

Имено, кога ќе почувствувате жед, телото веќе ви испраќа сигнал дека сте дехидрирани.

Ако заборавате да пиете вода, поставете потсетник на телефонот или паметниот часовник.

Малите и редовни голтки во текот на денот се поефикасни отколку обидот одеднаш да испиете голема количина вода.

Во одредени ситуации потребно е да се надополнат и електролити. Минералите како натриум, магнезиум, калиум и калциум му помагаат на организмот да ја задржи внесената течност.

Ако вежбате подолго време, престојувате на високи температури или многу се потите, пијалак со електролити може да биде корисен.

Лицата со висок крвен притисок треба да внимаваат на количината на натриум во ваквите пијалаци и да се консултираат со лекар.

За одржување на здрав притисок придонесува и исхраната богата со калиум и магнезиум.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП