Македонија одамна не е само земја од која луѓето си заминуваат по работа. Сликата полека се менува. На градилишта, во фабрички погони, во кујни, хотели, маркети и магацини сè почесто може да се слушне јазик што не е од регионот. Работници од Турција, Бангладеш, Непал, Индија, Косово, па и од други земји, веќе се дел од домашниот пазар на труд.
Не станува збор за случајна појава. Бројките покажуваат дека компаниите сè потешко наоѓаат работници дома, па погледот го вртат надвор.
Според податоците од надлежните институции, во 2025 година биле издадени 8.509 позитивни мислења за дозволи за работа на странци. Во оваа бројка влегуваат и лични работни дозволи за управители, менаџери и други слични позиции. Одделно, дозволи за привремен престој поради работа добиле 6.128 странски државјани.
Најмногу се работници од Турција. Само лани за турски државјани биле издадени 2.815 позитивни мислења. Зад нив следуваат работници од Бангладеш со 1.567, од Непал со 1.089 и од Индија со 1.079 мислења. Во првите пет е и Косово, со 406 позитивни мислења.
Ова е новата работна карта на Македонија
Ако порано странските работници најчесто доаѓаа од соседството, од Србија, Албанија или Косово, сега листата се шири далеку подалеку. Непал, Бангладеш и Индија повеќе не се егзотични имиња во статистиките. Тие се реалност во фирмите кои не можат да пополнат смени, градилишта и производни линии.
„Пазарот на труд не чека. Ако нема домашни работници, компаниите бараат решение надвор. Тоа е едноставна економска логика“, велат економисти кои ја следат состојбата со работната сила.
Најмногу странци се бараат во градежништвото, преработувачката индустрија, угостителството, хотелите, рестораните и трговијата. Тоа се секторите каде што работодавачите со години се жалат дека тешко наоѓаат луѓе, особено за позиции со физичка работа, смени, теренска работа или пониски плати од очекувањата на домашните работници.
Во градежништвото, странските работници најчесто се ангажираат како мајстори, помошници, армирачи, ѕидари, работници на патишта и инфраструктурни проекти. Во индустријата влегуваат во погони, пакување, производство, монтажа. Во угостителството се бараат за кујни, помошен персонал, чистење, сервирање и хотелски услуги.
„Не е дека фирмите одеднаш решиле да увезуваат работници затоа што така им е поинтересно. Проблемот е што на огласите нема доволно пријавени, а работата мора да се заврши“, велат познавачи на бизнис-секторот.
Дел од економистите предупредуваат дека ова не треба да се гледа како сензација, туку како последица на долги години иселување, стареење на населението и слаб интерес за одредени занимања. Младите сè помалку сакаат работа во смени, тешка физичка работа или плата која не им покрива нормален живот. Многумина заминуваат во Германија, Австрија, Швајцарија, Хрватска или Словенија. Празното место, пак, не стои празно долго. Доаѓа некој друг.
Работодавачите велат дека странските работници најчесто доаѓаат преку агенции, со однапред договорени услови, сместување и документи. Но, токму тука е и најчувствителниот дел. Потребни се јасни правила, редовна контрола и заштита и за работниците и за фирмите. Зашто евтина работна сила не смее да значи незаштитена работна сила.
„Ако државата дозволува увоз на работници, мора да внимава и на условите. Платата, сместувањето, работното време и здравственото осигурување не се детали. Тоа се основни работнички права“, велат експерти за трудови односи.
За годинава квотата за странски работници е зголемена на 10.000. Тоа значи дека потребата нема да се намалува. Напротив, компаниите очекуваат уште поголем притисок, особено во градежништвото, индустријата и услугите.
И така, додека македонските работници пакуваат куфери за Европа, други ги распакуваат своите куфери тука. Во истите градови, на истите автобуски станици, пред истите фабрики.
Б.З.М.



