Денеска пред пратениците во собранието е единствената точка на дневниот ред, а тоа е расправа и носење на Дополнетиот ребаланс на Буџетот за годинава. Откако ја помина комисиската дебата во собранието заедно со амандманската, овој документ минатата недела беше повторно усвоен од владата како дополнет ребалас за денеска пратениците да го имаат последниот збор по ова прашање со што ќе се оди на гласање.
Власта си остана на ставот дека преку носењето на овој ребалас на буџетот, се обезбедуваат повеќе средства за развој и за капитални инвестиции. Ставот на владата е дека измените на буџетските корисници не се поради резултат на недостиг на приходи, туку на одговорно управување со јавните финансии и пренасочување на средствата кон приоритетни области.
„Најважно е што со ребалансот обезбедуваме дополнителни средства за капитални инвестиции, кои достигнуваат околу 46 милијарди денари – за 5,8 милијарди денари или 14,5 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет. Се обезбедуваат повеќе средства за капитални инвестиции и инфраструктурни проекти, за општините, земјоделството, студентскиот и ученичкиот стандард, социјалната и здравствената заштита, како и за редовна исплата на зголемените плати и исполнување на сите законски обврски. Покрај глобалната економска неизвесност, Владата останува посветена на фискалната дисциплина, одговорното управување со јавните финансии и политики кои обезбедуваат економска стабилност и создаваат услови за посилен економски раст во иднина„ велат од Владата.
За опозициската СДСМ овој ребаланс е признание за погрешните економски политики. Од партијата обвинуваат дека со ребалансот Владата свесно го крши Законот за буџети, додавајќи дека вака предложениот ребаланс не стимулира развој. Нивниот став е дека со планираниот дефицит во ребалансот, директно се крши фискалното правило кое предвидува максимум од 3%.
„Дефицитот се зголемува на 4,1%. Некој ќе рече да има фискално правило 3%, Законот за извршување на Буџетот предвидува да биде 3%, може да биде до 3,5% доколку имаме некаков раст во делот на економијата, еве проекцијата да ја знаеме дека е 3,1% од растот и така натаму. Проектираниот дефицит во ребалансот е повисок од капиталните расходи зголемувањето на капиталните средства во ребалансот не значи нови проекти, туку само исплата на стари обврски – меѓу кои и оние кои произлегуваат од унгарскиот кредит, за кој Владата тврдеше дека нема никаков фискален проблем. Владата на почетокот на годината го претстави Буџетот за 2026 година како „развоен буџет“, а сега самата го ревидира надолу растот на економијата“, велат од СДСМ.
Со свое видување се и од пратеничката група на Левица. Тие пак велат дека делот на задолженост на државата станува се посериозен. Нивната пресметка вели дека секој десетти денар во земјава е позајмен.
„За покривање на дефицитот и отплата на обврските се предвидуваат 76,4 милијарди денари “ново финансирање”. Тоа значи дека речиси секој десетти денар што власта ќе го потроши е позајмен. Од вкупното финансирање, над 54 милијарди денари, или околу 71%, се врзани за странски кредитори. Само каматниот товар изнесува повеќе од еден милион евра дневно – уште пред да се отвори првиот шалтер, да започне првиот час во училиште или да биде прегледан првиот пациент, државата веќе натрупала нова милионска сметка“, велат од Левица.
Вкупните приходи се проектирани на ниво од 379,5 милијарди денари, а вкупните расходи на ниво од 425,8 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво 46,3 милијарди денари или 4,1 проценти од БДП, а економскиот раст на ниво од 3,5 проценти.
И.П



