Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) соопштија дека се пред предвидениот рок во реализацијата на планот за инвестиции од 1,4 трилиони долари во САД во следните десет години. Во исто време, земјата ја критикуваше Европската Унија (ЕУ) поради бавниот напредок на трговските преговори, објави „Bloomberg“.
„Работите се одвиваат многу добро“, изјави министерот за надворешна трговија Тани ал-Зејуди во интервју, осврнувајќи се на инвестициското ветување дадено за време на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на ОАЕ во мај минатата година.
Неговите изјави ја потврдуваат посветеноста на Емиратите кон најголемата светска економија и кон инвестициите во странство преку нивните огромни суверени фондови, и покрај тоа што САД и Израел го нападнаа Иран кон крајот на февруари, што доведе до воен конфликт кој ги засега и Емиратите.
ОАЕ во последните недели се соочуваат со засилени напади со ракети и дронови од Иран, а засега нема знаци за обновување на мировниот договор меѓу Вашингтон и Техеран.
Ал-Зејуди оцени дека исполнувањето на инвестицискиот план ќе биде олеснето со одлуката на администрацијата на Трамп да ги ублажи ограничувањата за извоз кон ОАЕ. Тоа ќе им овозможи на Емиратите да купуваат најсовремени чипови за вештачка интелигенција произведени од американски компании како „Nvidia“ и „Advanced Micro Devices“ (AMD).
„Ова покажува вистинско партнерство меѓу нас и актуелната американска администрација кога станува збор за транспарентност, доверба и сигурност на синџирите на снабдување“, изјави министерот во Дубаи.
Тој ги отфрли предупредувањата на дел од американските безбедносни експерти дека извозот на напредни полупроводници во ОАЕ би можел да му овозможи на Кина пристап до таква технологија и да го забави развојот на вештачката интелигенција во САД.
Според него, ОАЕ „многу наскоро“ ќе почнат да увезуваат вакви чипови за своите компании. Тие ќе бидат искористени за проектот „Stargate“, голем комплекс на центри за податоци во Абу Даби, кој треба да биде домаќин на компании како „OpenAI“.
Ал-Зејуди ја спореди отвореноста на Вашингтон кон трговијата и инвестициите со пристапот на Европската Унија. Иако ЕУ и ОАЕ досега одржаа околу седум рунди преговори за договор за сеопфатно економско партнерство, договор сè уште не е постигнат.
Во изминатите неколку години ОАЕ потпишаа речиси 40 договори за сеопфатно економско партнерство, слични на договорите за слободна трговија, со земји од целиот свет.
„Не се движиме со исто темпо како со другите партнери“, рече министерот за разговорите со Брисел.
Според него, причината е што ЕУ и понатаму инсистира во преговорите да се отвораат прашања кои не се директно поврзани со трговијата, што не им одговара на Емиратите.
Европската Унија веќе извесно време е критикувана од повеќе влади, меѓу кои и САД, поради инсистирањето во трговските договори да бидат вклучени прашања поврзани со „ESG“-стандардите и работничките права.
„И понатаму ја гледаме ЕУ како партнер, но капиталот нема да чека“, порача Ал-Зејуди.
Тој најави дека наскоро ќе бидат објавени нови договори за економско партнерство, меѓу кои и со Канада, а договорот би можел да биде финализиран за помалку од 90 дена.
Минатата година ОАЕ најавија инвестиции од 50 милијарди долари во Канада, без да наведат временска рамка.
„Односите со канадската влада се навистина добри. Веќе се разговара за проекти во кои можеме да инвестираме“, изјави министерот.
Тој додаде дека договорот со Руанда е во завршна фаза, а напредуваат и разговорите со Египет, Гана, Мозамбик и Замбија. Очекува договори и со Бразил по изборите годинава, како и со Перу, Шри Ланка и Бангладеш.
Според Ал-Зејуди, токму овие договори се една од главните причини за силниот раст на трговијата на ОАЕ во првата половина од годината, и покрај воените случувања во регионот.



