„MG“ ја претстави новата fastback лимузина „MG 07“, која ќе биде достапна во целосно електрична и plug-in хибридна верзија.
Моделот веќе е регистриран во кинеското Министерство за индустрија и информатички технологии, а почетната цена на домашниот пазар изнесува околу 20.000 евра.

Електричната верзија користи батерија со капацитет од 67 kWh и електромотор поставен на задната оска со моќност од 176 kW (239 ks).
Според кинескиот „CLTC“ циклус на мерење, автомобилот може да помине до 650 километри со едно полнење.

„Plug-in“ хибридната верзија комбинира 1,5-литарски атмосферски бензински мотор со моќност од 82 kW (112 ks), електромотор од 152 kW (207 ks) и батерија со капацитет од 30 kWh.
Во целосно електричен режим, според „WLTC“ стандардот, автомобилот може да помине до 185 километри, што претставува многу конкурентен резултат.

„MG 07“ носи модерен „fastback“ дизајн со панорамски стаклен покрив, вовлечени рачки на вратите, ексклузивни алуминиумски тркала и „LiDAR“ сензор поставен на покривот, кој е дел од напредниот систем за асистенција на возачот. Премиерно ќе биде претставен во специјалната боја „Morello Purple“, но засега не е потврдено дали „MG 07“ ќе се продава и на европскиот пазар.



