Победата на Шпанија на Светското првенство во фудбал 2026-та година би можела да ѝ донесе привремен економски бенефит вреден неколку милијарди евра. Ова се наведува во економската анализа на компанијата „iBanFirst“.
Земјите кои освојуваат светска титула вообичаено бележат привремен економски подем, поттикнат главно од зголемен извоз и раст на туризмот. Ако ваквиот ефект се примени врз шпанската економија, чија вредност е околу 1,7 трилиони евра, тоа би значело дополнителна економска активност од 2 до 4 милијарди евра во период од шест месеци, пресметуваат аналитичарите на „iBanFirst“, компанија која нуди девизни услуги и меѓународни плаќања за бизнисите.
Во својата прогноза, економистите се повикуваат на истражувањето на Марко Мело „Поттик за БДП: Ефектот од освојувањето на Светското првенство во фудбал“, објавено во 2024-та година во „Oxford Bulletin of Economics and Statistics“.
Во студијата се наведува дека земјите кои стануваат светски шампиони бележат забрзување на реалниот раст на бруто-домашниот производ (БДП) за околу 0,48 процентни поени во секое од следните две тримесечја.
Интересно е што проценетиот економски ефект од освојувањето на титулата е поголем од ефектот што го носи самото домаќинство на турнирот, при што најголеми придобивки имаат извозот и туризмот.
Навремен поттик за економијата
По неколку години во кои шпанската економија бележеше еден од највисоките стапки на раст во еврозоната, поддржан од европските фондови за закрепнување и инвестициите во логистика и вештачка интелигенција, се очекува темпото на раст да забави.
Прогнозите се дека БДП ќе порасне за 2,2 проценти во 2026-та година, а во 2027-ма година растот ќе се намали на 1,7 проценти.
Од „iBanFirst“ оценуваат дека евентуалната светска титула нема значително да ја промени среднорочната насока на шпанската економија, но би можела да го ублажи забавувањето.
Најголем дел од економската корист, според анализата, би ја почувствувал извозниот сектор. Минатата година извозот учествувал со 36,6 проценти од БДП, односно околу 617 милијарди евра. Дури и умерено зголемување на странската продажба од 0,5 проценти би донело повеќе од 3 милијарди евра дополнителни приходи.
Економистите сметаат дека успехот на најголемата фудбалска сцена практично би претставувал глобална маркетиншка кампања за шпанските брендови – од прехранбената индустрија и модата, до инженерските услуги, финансискиот сектор, обновливите извори на енергија и дигиталните технологии.
За разлика од традиционалните стратегии за промоција на националниот бренд, ваквата меѓународна видливост доаѓа речиси без јавни трошоци за маркетинг.
Туризмот е вториот најважен сектор што би можел да има корист од евентуалната титула.
Во 2024-та година, туризмот генерирал економска активност од 200,7 милијарди евра, што претставува 12,6 проценти од БДП-то на Шпанија.
Според анализата, дури и зголемување од само 1 процент на потрошувачката на странските туристи би донело повеќе од 1 милијарда евра дополнителни годишни приходи.
Шпанија, според економистите, има одлична позиција да го претвори глобалното внимание во економска добивка, бидејќи веќе располага со развиена хотелска инфраструктура, модерен транспортен систем и силна меѓународна туристичка репутација.
Значаен, но ограничен економски бенефит
Според анализата на „iBanFirst“, спортскиот успех може дополнително да ја зголеми довербата кај домаќинствата и деловната заедница. Шпанија влезе во втората половина од оваа година со силен пазар на труд и стабилна домашна побарувачка.
Дури и зголемување на потрошувачката на домаќинствата за само 0,1 процент, поттикнато од поголема доверба, би било значајно за економија во која приватната потрошувачка сочинува повеќе од половина од бруто-домашниот производ (БДП). Сепак, важна е и структурата на тие трошоци.
Поголемата потрошувачка во барови, ресторани, за навивачки реквизити, медиумски претплати и домашни патувања би можела да придонесе за поголема вработеност и повисоки даночни приходи. Но, дел од тие средства ќе бидат пренасочени од други категории на потрошувачка, па затоа растот на вкупната продажба ќе биде поголем од реалниот придонес кон БДП, оценуваат економистите.
Во анализата се наведува дека сè уште е прерано со целосна прецизност да се процени колку шпанската економија ќе има корист од таканаречениот „ефект на победата на Светското првенство“. Сепак, искуствата од минатото даваат основа за умерен оптимизам. Претходните светски шампиони, во најголем дел, забележале економски подем кој не бил занемарлив.
Покрај краткорочниот ефект, освојувањето на светската титула дополнително би ја зацврстило позицијата на Шпанија како една од водечките фудбалски нации во светот, би ја зголемило нејзината меѓународна привлечност и би можело да донесе повеќе посетители на домашните фудбалски првенства во наредните години.
Особено впечатлив е контрастот со Соединетите Американски Држави, кои беа домаќини на турнирот. Земјите домаќини обично вложуваат огромни средства во организацијата на Светското првенство, но подоцна често утврдуваат дека економската исплатливост е далеку помала од очекуваната.
Од друга страна, Шпанија не направи ниту еден од тие трошоци. Потенцијалниот економски бенефит не произлегува од јавни инвестиции, туку од квалитетот на нејзините фудбалери и безрезервната поддршка од навивачите. Од економски аспект, тоа најмногу наликува на неочекувана добивка.



