Европската Унија ја казни матичната компанија на „Google“ – „Alphabet“ – со 890 милиони евра (околу една милијарда американски долари) поради две одделни прекршувања на Законот за дигитални пазари (DMA).
Едната казна е изречена затоа што „Google“ им давал предност на сопствените услуги во резултатите од пребарувањето, додека втората се однесува на ограничувањата за програмерите на „Android“-апликации, на кои не им било дозволено слободно да ги насочуваат корисниците кон алтернативни начини на плаќање.
„Google“ доби казна од 460 милиони евра поради повластениот третман на своите услуги „Google Shopping“, „Google Hotels“ и „Google Flights“ во резултатите од пребарувањето.
Втората казна, во износ од 430 милиони евра, се однесува на правилата на „Google Play Store“, со кои програмерите биле спречувани слободно да ги упатуваат корисниците кон алтернативни системи за плаќање и други платформи за мобилни апликации.
Според одлуката на Европската комисија, „Google“ има рок од 60 дена да ги измени своите политики. Во спротивно, компанијата ќе се соочи со дополнителни периодични парични казни.
Во делот што се однесува на пребарувачот, од „Google“ се бара кон услугите на трети страни да се однесува фер и недискриминаторски.
Истовремено, компанијата ќе мора да им овозможи на „Android“-програмерите слободно да ги промовираат своите понуди и алтернативни начини на плаќање, и во рамките на „Google Play Store“ и надвор од неа.
Казните ги објави Европската комисија повеќе од две години по отворањето на првата истрага за непочитување на правилата на „DMA“.
Тие следуваат по прелиминарната одлука на Европската Унија од март 2025-та година. На „Google“ му беше оставено време да ги отстрани забелешките, а рокот дополнително беше продолжен во мај 2026-та година, откако Европската комисија оцени дека претходниот предлог на компанијата „едноставно не е доволно добар“.
Во обид да се усогласи со правилата на „DMA“, „Google“ веќе тестираше повеќе промени во својот пребарувач. Меѓу нив се отстранувањето на виџетот „Google Flights“ за корисниците во Европската Унија, како и поголемо истакнување на линковите до веб-страници на трети страни за споредба на цени преку нов изглед на резултатите од пребарувањето.



