ПочетнаЗДРАВЈЕВе мачи надуеност и главоболка? Можеби проблемот е во протеинските производи

Ве мачи надуеност и главоболка? Можеби проблемот е во протеинските производи

Исхраната богата со протеини во последните години стана исклучително популарна, особено кај луѓето кои редовно вежбаат. Протеините се важни хранливи материи со бројни придобивки за организмот, но нутриционистите предупредуваат дека не сите протеински производи што се продаваат во маркетите се еднакво квалитетни.

Проблемот, според експертите, не се самите протеини, туку преработените производи во кои се додаваат различни состојки и адитиви за да се зголеми нивната протеинска вредност.

Некои луѓе може да се чувствуваат лошо

Луѓето кои редовно тренираат често внесуваат поголеми количества протеини бидејќи тие содржат есенцијални аминокиселини.

Овие аминокиселини помагаат во обновувањето на ситните оштетувања на мускулните влакна кои настануваат за време на физичката активност. Со тој процес мускулите растат, се зајакнуваат и полесно се опоравуваат.

Сепак, Оливер Гобл, заменик-раководител за нутриционизам во компанијата за тестирање нетолеранција на храна „Supply Life“, предупредува дека одредени „кратенки“ во исхраната, односно производи со додадени состојки за зголемување на протеините, кај некои луѓе можат да предизвикаат негативни реакции.

Според него, постојат многу подобри начини за зголемување на внесот на протеини.

Полни се со состојки кои не ги препознавате

Гобл објаснува дека не е љубител на протеински тортиљи и печива.

„Не ги поддржувам протеинските тортиљи и печива. Ако купувате тортиљи, ги купувате поради јаглехидратите, а не поради протеините. Списокот на состојки кај таквите производи често е полн со називи кои воопшто не ги препознавате“, вели тој.

Тој советува наместо да се купуваат специјални производи со додадени протеини, подобро е да се зголеми внесот на природни извори.

„Ако јадете тортиља со пилешко и сакате повеќе протеини, едноставно додадете повеќе пилешко месо наместо да купувате посебни протеински тортиљи. Тоа е пологично. Наш совет е да се фокусирате на целосни намирници и секогаш да ја проверувате декларацијата на задната страна од пакувањето“, додава нутриционистот.

Меѓу состојките кои често се наоѓаат во печивата збогатени со протеини се пченичен глутен, изолат од соин протеин, протеин од грашок и протеин од сурутка.

Токму протеинот од грашок е чест предизвикувач на нетолеранција, на што многу луѓе не се свесни, иако често се користи во производи со висок процент на протеини.

Протеинот од грашок може да предизвика надуеност

Консумирањето протеин од грашок може да предизвика надуеност, која најчесто е блага и привремена.

Овој проблем најчесто се јавува кај луѓе кои неодамна почнале да користат растителни протеини во прав или кај оние кои имаат почувствителен дигестивен систем.

Надуеноста може да се појави поради ферментација на растителните влакна во цревата, но и поради присуство на шеќерни алкохоли, како сорбитол, или вештачки засладувачи.

„Во протеинските печива и тортиљи многу често се користи протеин од грашок. Тоа е веганска алтернатива, па претпоставувам дека производителите на тој начин се обидуваат да привлечат поширок круг потрошувачи“, вели Гобл.

Можеби имате нетолеранција на некоја состојка

Нутриционистот советува луѓето да избираат производи со што помалку состојки.

„Секогаш се трудам да бирам намирници со една или со што е можно помал број состојки. Подобро е да се јаде вистинска храна и протеините да се внесуваат од целосни извори“, вели тој.

Тој додава дека дури и протеинските јогурти често содржат голем број адитиви и конзерванси, додека обичниот грчки јогурт може да понуди слични придобивки со само една состојка.

„Бидејќи нетолеранцијата не е исто што и алергија, нема причина за голема загриженост ако ваквата храна повремено се најде на менито. Сепак, нејзиното исфрлање од исхраната може значително да ја подобри општата состојба“, објаснува Гобл.

Според него, најчести симптоми кај луѓето кои имаат проблем со одредени намирници се:

– надуеност,

– замор,

– главоболки,

– рефлукс,

– болки во зглобовите.

„Тоа може да влијае врз квалитетот на секојдневниот живот. Во основата е процес во кој организмот одредена храна погрешно ја препознава како закана и создава антитела за да ја неутрализира“, додава нутриционистот.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП