„Nokia“ се враќа со нов класичен мобилен телефон, но овојпат со модел наменет за најтешки услови. Новата „Nokia 123 Shield“ е создадена за корисници на кои им се најважни издржливоста, сигурноста и долготрајната батерија.
Телефонот е отпорен на вода и прашина, а производителот го наменил за луѓе кои работат во тешки услови, често престојуваат во природа или едноставно сакаат сигурен уред без непотребни функции.
Од компанијата наведуваат дека батеријата може да издржи до 19 дена во режим на мирување.
Отпорен на дожд, прашина и удари
„Nokia 123 Shield“ поседува IP65 сертификат, што значи дека е заштитен од прашина, дожд и прскање вода.
Куќиштето има дополнителна заштита на приклучоците за полнење и слушалки, а страничните делови имаат текстура против лизгање за телефонот посигурно да стои во раката.
Сепак, производителот предупредува дека отпорноста не е трајна и може да се намалува со текот на времето поради секојдневното користење.
Подобар сигнал и батерија што трае со недели
Телефонот е посебно прилагоден за поквалитетни разговори, дури и во бучни средини или на места со послаб сигнал.
Според „HMD“, подобриот прием е постигнат благодарение на новата структура на антената, која овозможува постабилна врска.
Вградената батерија со капацитет од 1.750 mAh овозможува целодневно користење, додека во мирување може да издржи до 19 дена.
Полнењето се врши преку стандарден USB Type-C приклучок.
Моќна светилка и достапна цена
„Nokia 123 Shield“ има вградена батериска светилка која, според производителот, е дури три пати посилна од онаа кај моделот „Nokia 110“.
Цената сè уште не е официјално потврдена, но одредени трговци најавиле дека уредот би требало да чини меѓу 35 и 40 евра.



