И оваа година работодавачите од приватниот сектор имаат законска обврска да исплатат регрес за годишен одмор, попознат како К-15, на своите вработени.
Согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор, исплатата треба да се изврши најдоцна до 31 декември 2026 година, а право на регрес имаат сите вработени кои ги исполнуваат условите пропишани со договорот.
За многу работници К-15 претставува значителен дополнителен приход, особено во услови кога трошоците за живот и понатаму се високи, а цените на голем број производи и услуги остануваат на покачено ниво.
Кој има право на К-15?
Право на регрес за годишен одмор има секој работник кој во текот на 2026 година работел најмалку шест месеци кај истиот работодавач.
Ова право не се однесува само на лицата кои и понатаму се вработени во компанијата. Регрес им следува и на поранешните работници кои во текот на календарската година ги исполниле условите за најмалку шестмесечен работен ангажман кај истиот работодавач.
Тоа значи дека работодавачите треба да водат сметка и за обврските кон поранешните вработени кои ги исполнуваат законските услови.
Колкав е минималниот К-15?
Минималниот износ на регресот е утврден на 40 проценти од просечната месечна нето-плата по работник во Република Северна Македонија, пресметана според последните три месеци и објавена од Државниот завод за статистика.
Според последните пресметки, објавени на 22 јули 2026 година, минималниот регрес изнесува:
- 19.568 денари нето
- 2.174 денари персонален данок
- 21.742 денари бруто
Овој износ не е фиксен и се менува секој месец бидејќи зависи од просечната плата во државата. Затоа конечниот минимален износ ќе зависи од основицата што ќе важи на денот кога работодавачот ќе донесе одлука за исплата.
Може ли да се исплати и повисок износ?
Работодавачите можат да одлучат да исплатат и повисок К-15 од законскиот минимум.
Максималниот даночно признат износ моментално изнесува:
- 53.627 денари нето
- 5.959 денари персонален данок
- 59.586 денари бруто
Доколку компанијата исплати поголем износ од овој лимит, разликата ќе биде предмет на дополнителен данок, согласно даночните прописи.
Како се исплаќа К-15?
Регресот се исплаќа еднаш во текот на календарската година и не претставува дел од редовната месечна плата.
Исплатата се врши директно на трансакциската сметка на вработениот, а на неа не се пресметуваат придонеси за социјално осигурување. Единствената јавна давачка што се плаќа е персоналниот данок на доход.
Постапката за исплата се спроведува преку системот Е-ППД на Управата за јавни приходи, при што компанијата го уплатува данокот кон државата, а нето-износот го префрла на сметката на работникот.
Во кои случаи може да се исплати помал К-15?
Иако минималниот износ е јасно дефиниран, колективниот договор предвидува исклучок за компаниите кои се соочуваат со економско-финансиски потешкотии.
Во такви случаи е можно да се исплати понизок регрес, но само доколку се исполнат законските услови. Потребно е претходно да се извршат консултации со репрезентативниот синдикат на ниво на гранка, а потоа да се потпише спогодба меѓу работодавачот и синдикалната организација.
Кај компаниите каде што нема синдикат, спогодбата се потпишува со избран претставник на работниците.
Без исполнување на овие услови, работодавачот не може еднострано да одлучи да исплати К-15 под законски утврдениот минимум.
Компаниите имаат рок до крајот на годината
Иако голем број компании традиционално го исплаќаат регресот во текот на летните месеци, законскиот рок за исполнување на оваа обврска е 31 декември 2026 година.
Тоа значи дека работодавачите имаат уште неколку месеци да ја планираат исплатата, но и обврска да ги следат промените на просечната плата, бидејќи минималниот износ на К-15 може да се промени до моментот на донесување на одлуката за исплата.
С.Б.



