Запленетите средства на Руската централна банка во Европската Унија, кои беа блокирани поради санкциите воведени поради војната во Украина, досега оствариле приходи од 6,6 милијарди евра, според податоци од депозитарот „Euroclear“.
Се наведува дека приходите од блокираните руски средства се користат за поддршка на Украина, при што само во првите месеци од оваа година изнесувале 1,4 милијарди евра. Според извештаите на белгискиот депозитар, во текот на минатата година приходите достигнале 2,3 милијарди евра, што претставува намалување од 13 проценти во споредба со 2024-та година.
„Euroclear“ соопшти дека ја обжалува одлуката на руски суд со која е наложено да ѝ исплати 200 милијарди евра на руската страна, но жалбата минатата недела била одбиена. Во меѓувреме, депозитарот покрена постапка пред Трговскиот суд во Брисел против одлуките на руските судови.
„Euroclear“ управува со најголемиот дел од блокираните руски средства во Европската Унија – 193 милијарди евра од вкупно 258 милијарди евра. На почетокот на оваа година Руската централна банка покрена судска постапка во Москва против белгискиот депозитар.
Во мај беше објавено дека руски олигарси поднеле девет арбитражни тужби против Белгија, со можност спорот да заврши со вонсудска спогодба. Досега, пред Државниот совет на Белгија, институција со надлежности слични на врховен управен суд, биле поднесени околу 200 жалби против европските санкции, но сите биле одбиени.
Жалбите биле поднесени од сопственици на околу 65 милијарди евра блокирани средства во „Euroclear“, иако тие не се наоѓаат на списокот на лица опфатени со санкциите на Европската Унија.
Руската централна банка поднела и две тужби пред Општиот суд на Европската Унија против одлуката приходите од блокираните средства да се користат во корист на Украина. Во март минатата година, банката пред Судот на Европската Унија ја оспори и самата одлука за замрзнување на нејзините средства во ЕУ.



