ПочетнаКОМПАНИИПриходите на „IBM“ разочараа поради забавувањето на трошоците кај клиентите

Приходите на „IBM“ разочараа поради забавувањето на трошоците кај клиентите

Компанијата „International Business Machines Corp“ (IBM) објави прелиминарни резултати за приходите од продажба за вториот квартал, кои се под очекувањата на аналитичарите, а извршниот директор Арвинд Кришна изјави дека клиентите се воздржуваат од трошење.

Приходите на американската компанија во вториот квартал изнесуваат 17,2 милијарди долари, што е под очекуваните 17,9 милијарди долари од страна на аналитичарите, објави „Блумберг“.

Клиентите ги пренасочиле капиталните инвестиции кон сервери, складирање податоци и меморија, со цел да спречат недостиг на опрема во индустријата, што негативно влијаело врз трошоците за софтверските производи на компанијата, објасни Кришна.

„Овие услови бараат нашите тимови да функционираат совршено, а овој квартал потфрливме“, призна тој, додавајќи дека компанијата „не се приспособила и не реагирала доволно брзо“, поради што не успеала да финализира повеќе големи договори во очекуваните рокови.

„IBM“ се обидува да се трансформира во брзорастечка софтверска компанија преку големи преземања на компании како „Red Hat“, „HashiCorp“ и „Confluent“. Новиот фокус на компанијата ја направи цел за инвеститорите кои се загрижени дека алатките со вештачка интелигенција би можеле да заменат голем дел од постојните софтверски производи.

Во февруари „IBM“ се соочи со голема продажба на акции, откако стартапот за вештачка интелигенција „Anthropic PBC“ претстави алатка за која тврдеше дека може да помогне во модернизацијата на застарениот програмски јазик што го користат главните компјутерски системи на „IBM“.

Како и повеќето софтверски компании, „IBM“ се обидува да ја интегрира вештачката интелигенција во своите производи и ја промовира способноста да им обезбеди на клиентите најнова технологија. Компанијата се обидува да ги убеди инвеститорите дека вештачката интелигенција ќе го зајакне нејзиниот бизнис.

Раководството на компанијата посочи дека работата поврзана со вештачката интелигенција ја зголемува побарувачката за инфраструктурниот софтвер на „IBM“, кој им овозможува на клиентите да користат водечки модели на вештачка интелигенција.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП