Кога ќе почувствувате жед, веројатно прво нема да посегнете по чаша млеко. Сепак, сè поголем број истражувања покажуваат дека во одредени ситуации млекото може подолго да го одржува нивото на хидратација отколку водата.
Иако водата и понатаму е најдобриот избор за секојдневните потреби кај повеќето луѓе, млекото може да биде корисно по интензивно вежбање или при блага дехидратација.
Споредба на дејството на млекото и водата
Млекото со ниска содржина на масти содржи електролити, протеини и јаглехидрати. Истражувањата покажуваат дека токму оваа комбинација во одредени ситуации го прави поефикасно за долготрајна хидратација во споредба со водата.
Хранливите материи и електролитите во млекото го забавуваат неговото празнење од желудникот и можат да ја намалат брзината со која телото ја исфрла течноста преку урината. Поради тоа, млекото му помага на организмот подолго да ја задржи внесената течност.
Сепак, тоа не значи дека млекото автоматски е подобар избор во секоја ситуација.
„Фактот дека нешто подобро хидрира не значи дека секогаш е и најдобрата опција за секоја пригода“, изјавил за „Health“ нутриционистот Анџел Планелс од Сиетл, претставник на Академијата за исхрана и диететика.
„Иако млекото помага течноста подолго да се задржи во организмот, водата останува златен стандард за секојдневните потреби“, вели Планелс, додавајќи дека тоа особено важи за луѓето кои не сакаат да внесуваат дополнителни калории или не губат значителна количина електролити преку потење и физички напор.
Кога млекото е добар избор за хидратација?
Млекото може да биде добра опција за хидратација по физичка активност, особено кога на телото му е потребна и дополнителна енергија.
„Млекото е одличен избор за хидратација по вежбање, особено по умерени до интензивни тренинзи“, објаснила спортската нутриционистка Лена Бил.
„Тоа не само што ја надополнува изгубената течност, туку обезбедува и висококвалитетни протеини за опоравување на мускулите, како и јаглехидрати за обновување на резервите на гликоген“, додава таа.
Важно е да се нагласи дека ова се однесува на периодот по вежбањето, бидејќи консумирањето млеко за време на тренинг може да предизвика дигестивни проблеми.
Млекото може да биде корисно и за децата на кои им се потребни дополнителни калории и хранливи материи.
„Може да помогне кога е потребно да се надополнат и течности и хранливи материи кај лица кои можеби не јадат или не пијат доволно“, вели Планелс.
Сепак, кај децата кои се дехидрирани поради повраќање или дијареја, се препорачува употреба на орални раствори за рехидратација.
Млекото може да биде добар избор и при опоравување од блага дехидратација. Според Планелс, тоа е соодветно „кога на некого му е потребна рехидратација заедно со внес на калории, протеини и микронутриенти“.
Ова може да се однесува на ситуации по долго пешачење или кај лица со намален апетит на кои им се потребни и течности и хранливи материи.
Но, ниту во овие случаи млекото не е замена за растворите за рехидратација при сериозно повраќање или дијареја.
Кога млекото не е најдобар избор?
Водата е попрактичен избор за секојдневна хидратација, особено кај луѓето кои внимаваат на внесот на калории, бидејќи за разлика од млекото, таа го хидрира организмот без дополнителен внес на енергија.
Лицата со алергија на млеко треба целосно да го избегнуваат. Оние со нетолеранција на лактоза можат да изберат безлактозно млеко или друг напиток кој подобро им одговара и не предизвикува дигестивни тегоби.
Други опции за хидратација
Освен млекото и водата, постојат и други напитоци кои можат да помогнат при добра хидратација.
Оралните раствори за рехидратација се специјално создадени за лекување на дехидратација и содржат оптимален однос на електролити.
Кокосовата вода е богата со калиум, а сиромашна со натриум. Таа може да биде добар избор за рехидратација по полесни активности, но не се смета за идеална по интензивни физички напори.
Спортските напитоци ги надополнуваат електролитите изгубени при интензивно вежбање и активности кои бараат издржливост. Тие содржат и јаглехидрати кои можат да помогнат во опоравувањето.
Овошните сокови обезбедуваат течности и јаглехидрати, но можат да содржат многу калории и природни шеќери. Иако помагаат во хидратацијата, водата најчесто останува подобар избор за секојдневно консумирање.



