Куферите на враќање од одмор обично се потешки отколку на заминување. Неколку шишиња маслиново масло, сирење од локален пазар, вино за дома, цигари за „да се најдат“, играчки за децата, евтина гардероба од попатен шопинг. Сето тоа изгледа безопасно додека не дојдете до рампата на граница. Таму веќе не важи логиката „за дома е“. Важи царинското правило.
Најважното правило за патниците е едноставно: личниот багаж и стоката за лична употреба не се проблем, сè додека не изгледаат како роба за препродажба. Домашните патници се ослободени од увозни давачки за стока од некомерцијална природа до вредност од 350 евра. Во тој износ не влегуваат алкохол, тутунски производи, парфеми и тоалетна вода, за кои има посебни ограничувања.
Тука најчесто почнуваат недоразбирањата. Едно е да носите две маици, сандали и сувенир. Сосема друго е да имате десет исти парчиња облека со етикети, неколку исти парфеми или полн багажник со стока. Цариниците тогаш не гледаат само цена, туку и количина, вид на роба и дали сето тоа личи на нормална потреба на едно семејство.
„Не е проблем патникот да си донесе нешто за дома. Проблем е кога личниот багаж почнува да личи на мала продавница“, велат познавачи на царинските процедури.
За цигарите правилата се јасни. Патник може да внесе до 200 цигари, или 100 цигарилоси, или 50 пури, или 250 грама тутун за пушење. Може и сразмерна комбинација од овие производи. Но, ова ослободување не важи за лица помлади од 18 години.
Кај алкохолот исто така има граница. Дозволен е еден литар жесток алкохол со повеќе од 22 проценти алкохол, или два литра пијалаци со помал процент, плус два литра вино. И тука правилото за малолетници е јасно: нема ослободување за алкохол и тутун ако патникот е под 18 години.
Парфемите често се ситница што прави проблем. Дозволени се 50 милилитри парфем и 250 милилитри тоалетна вода. Ако носите еден парфем како подарок, ретко кој ќе ве гледа чудно. Ако носите кеса со повеќе исти шишиња, приказната се менува.
Посебно внимание треба со храна. Секој што се враќал од Грција, Албанија или Турција знае како изгледа багажник пред враќање: сирење, маслинки, колбаси, зачини, овошје. Но производите од животинско потекло, како сирење, кашкавал и сувомеснати производи, се дозволени само во ограничени количини за лична употреба. Во царинската брошура стои дека патниците можат да внесат производи од животинско потекло до вкупно 1 килограм, а за поголема количина е потребна потврда за задолжителен преглед од надлежен инспекторат.
За растенија, цвеќиња, овошје и зеленчук правилата се построги отколку што многумина мислат. За такви производи може да биде потребно фитосанитарно одобрение и преглед од фитосанитарен инспектор. Со други зборови, гајба домати или садница од пазар не е исто што и магнет за фрижидер.
Економистите велат дека границите не се поставени за да се малтретираат туристите, туку за да се одвои личната потрошувачка од сивата економија.
„Кога некој внесува стока во количина што очигледно ја надминува личната потреба, тоа веќе не е туристички трошок, туку потенцијална трговија без давачки“, објаснуваат тие.
Најпаметно е да ги чувате сметките, особено ако сте купиле поскапа техника, часовник, телефон, очила или брендирана облека. Без сметка, цариникот може да ја проценува вредноста според свои податоци и тогаш муабетот на шалтер станува подолг отколку што сакате.
Практично правило? Носете разумно. Една торба подароци, малку храна за дома, неколку шишиња во дозволена количина. Тоа обично поминува мирно. Но ако багажникот е нареден како тезга, тогаш не помага реченицата „не е за продажба“. На граница не се гледа само што велите. Се гледа што носите.
Б.З.М.



