ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкспертите со апел до власта, подобрете ја фискалната консолидација и квалитетот на...

Експертите со апел до власта, подобрете ја фискалната консолидација и квалитетот на капиталните расходи!

Фискалниот совет издаде стручен извештај кој укажува на сериозни предизвици во македонските јавни финансии. Анализата на експертите за Завршната сметка на Буџетот за 2025 година покажала пониска реализација на приходите и расходите, висок буџетски дефицит, јавен долг на раб на законскиот лимит и скриени доспеани обврски од над 700 милиони евра.

Во однос на пониската реализација на планот се акцентирани вкупните приходи кои се остварени со 92,0% или 335,8 милијарди денари, додека расходите се реализирани со 92,9% односно 377,6 милијарди денари. Потфрлање има и кај приходите, и покрај добрите резултати кај ДДВ, забележано е значајно потфрлање кај акцизите, неданочните приходи, капиталните приходи и донациите поради слаби макроекономски остварувања и доцнење во сузбивањето на сивата економија.

„Неповолна структура на расходите: Капиталните расходи се реализирани со едвај 64,6%, учествуваат со само 7,5% во вкупните расходи, додека расходите за пензии скокнаа за 19,1% или 107,9 милијарди денари, а каматите растат за 11,4% односно 19,8 млрд. денари. Црвени аларми за долгот: Буџетскиот дефицит изнесува 4,0% од БДП, а јавниот долг достигна 59,6% од БДП – непосредно под законскиот праг од 60%. Скриен ризик од над 700 милиони евра: Неплатените обврски на јавните институции надминуваат 4% од БДП и воопшто не влегуваат во официјалниот јавен долг“, се наведува во анализата на Фискалниот совет.

Буџетскиот дефицит во 2025 година изнесува 4% од БДП, што е намалување во однос на 4,5% во 2024 година, но и натаму го надминува законски утврдениот праг. Јавниот долг на крајот на годината достигнал 59,6% од БДП и се наоѓа непосредно под фискалниот лимит од 60%. Дополнителен ризик претставуваат доспеаните, а неплатени обврски на јавните институции, кои надминуваат 700 милиони евра, односно околу 4% од БДП, а не се вклучени во официјално прикажаниот јавен долг. Нивното вклучување би значело значително надминување на фискалниот праг.

Фискалниот совет препорачува зајакнување на фискалната дисциплина, пореално буџетско планирање, ограничување на преземањето обврски без обезбедени извори на финансирање, подобрување на реализацијата и квалитетот на капиталните расходи и воведување пресметковна основа за евидентирање на јавните расходи.

Неопходни се и структурни реформи што ќе обезбедат одржливост на пензискиот систем, поефикасна наплата на јавните приходи, поголема транспарентност и постепено враќање на дефицитот и јавниот долг во рамките на пропишаните фискални правила.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП