Европската Унија (ЕУ) ќе разгледува најмалку три можни сценарија за излез од ќор-сокакот околу најновиот пакет санкции против Русија, пренесува „Bloomberg“, повикувајќи се на извори запознаени со разговорите.
Пакетот, кој е 21-ви по ред од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во 2022-ра година, беше блокиран минатата недела откако Грција продолжи да се спротивставува на предлогот со кој на европските компании би им се забранило да пренесуваат руски течен природен гас (LNG) во трети земји.
Меѓу опциите што сега се разгледуваат се воведување преоден период од 24 месеци пред мерките целосно да стапат во сила, целосно повлекување на спорната мерка или откажување на целиот пакет санкции, наведуваат изворите кои побарале да останат анонимни.
ЕУ, исто така, ја разгледува можноста да дозволи продолжување на постојните договори како можен компромис. Дополнително, замрзнувањето на ценовниот плафон за руската нафта би можело да биде продолжено, дури и ако не биде постигнат договор за останатите мерки.
Портпарол на Европската комисија засега не одговорил на барањето за коментар.
Минатата недела земјите-членки на ЕУ се согласија привремено да го задржат ценовниот плафон за руската нафта на 44,10 долари за барел до 23-ти јули, додека продолжуваат преговорите за поширок договор. Според претходните планови, плафонот требаше да се зголеми поради растот на светските цени на нафтата, што би ја ослабело една од клучните мерки со кои западните сојузници се обидуваат да ги ограничат приходите на Москва од продажба на енергенси.
Еднонеделното продолжување на мерката треба да им овозможи на европските власти дополнително време за постигнување договор за целиот пакет санкции, кој предвидува и подолгорочно замрзнување на ценовниот плафон.
Преговорите меѓу земјите-членки се покажаа сложени, бидејќи секоја држава настојува да ги заштити интересите на сопствената индустрија. Така, предлогот за забрана за влез во ЕУ на поранешни руски борци беше одложен, а идејата за ограничување на увозот на одредени видови риба од Русија во меѓувреме беше повлечена.
Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ треба повторно да се состанат оваа недела за да ги продолжат разговорите за пакетот санкции.
Минатата година ЕУ одлучи ценовниот плафон за руската нафта да биде променлив и да се пресметува на секои шест месеци, при што ќе биде поставен 15 проценти под просечната пазарна цена на руската сурова нафта од типот „Уралс“.
Целта на оваа мерка е плафонот да остане доволно низок, откако претходното ограничување од 60 долари за барел не ги намали очекувано приходите на Кремљ од продажбата на нафта.
Сепак, поради воениот конфликт со Иран, кој предизвика значителен раст на светските цени на енергенсите, постои можност и европскиот ценовен плафон да се зголеми, што потенцијално би ѝ донело дополнителни приходи на Русија.



