Добивката на „Ryanair Holdings Plc“ во првиот квартал се намалила за 34 проценти, откако конфликтот на Блискиот Исток ги зголемил цените на нафтата и ја намалил побарувачката за патувања, принудувајќи ја авиокомпанијата да ги намали цените на билетите во текот на летната туристичка сезона.
Добивката по оданочување изнесува 538 милиони евра, што е значително помалку во споредба со 820 милиони евра во истиот период минатата година, а е и под очекувањата на аналитичарите, кои прогнозираа добивка од 624 милиони евра, објави „Bloomberg“.
Од „Ryanair“ соопштија дека конфликтот меѓу САД и Иран негативно влијаел врз довербата на потрошувачите и довел до намалување на бројот на резервации, поради стравувањата од недостиг на авионско гориво.
Како прва голема европска авиокомпанија што ги објави кварталните финансиски резултати, извештајот на „Ryanair“ дава увид во тоа како авиопревозниците во Европа се справуваат со последиците од војната на Блискиот Исток. Компанијата наведува дека била принудена дополнително да ја поттикнува побарувачката, а цените на билетите во вториот фискален квартал бележат благ пад во споредба со минатата година, и покрај неодамнешното зголемување на резервациите.
Од компанијата додаваат дека засега не можат да дадат сигурна проценка за втората половина од годината, поради што не објавуваат прогноза за годишната добивка. Движењето на цените на билетите во првата половина од финансиската година ќе зависи од бројот на резервации во август и септември.
– Се подготвувавме за добра година, но сè уште е прерано да се прогнозира каква ќе биде на крајот – изјави финансискиот директор на компанијата, Нил Сорахан.
Според неговите проценки, капацитетот за летови на кратки релации ќе остане ограничен најмалку до 2030-та година, поради недостигот на нови авиони од „Boeing“ и „Airbus“, како и поради проблемите со моторите кај дел од авионите, што доведува до привремено приземјување на дел од флотите во Европа.
Сорахан смета дека понудата дополнително ќе се намали и поради консолидацијата на пазарот, при што конкурентот „EasyJet“ во моментов е предмет на преземање од двајца американски инвеститори. Според него, европскиот авиопазар во иднина ќе биде доминиран од трите најголеми авиокомпании, меѓу кои и „Ryanair“.
Во првиот квартал се зголемиле и оперативните трошоци, бидејќи уделот на неосигуреното авионско гориво кај „Ryanair“ се зголемил повеќе од двојно.
Компанијата соопшти дека до крајот на март има обезбедено 80 проценти од потребното авионско гориво по цена од 67 долари за барел, додека вкупните трошоци во текот на годината ќе зависат од цената на преостанатите количини гориво што сè уште не се обезбедени со договори.
Во наредниот период „Ryanair“ планира инвестициите да ги насочи кон проширување на флотата со новите авиони „Boeing 737 MAX-10“, исплата на дивиденди за акционерите, завршување на програмата за откуп на сопствени акции, како и обновување на паричните резерви на околу четири милијарди евра.



