Слатката храна често има лоша репутација, но лекарите истакнуваат дека нема потреба целосно да се откажеме од омилените десерти. Нутриционистката Мекензи Бургес вели дека секојдневниот десерт ѝ помага да одржи балансирана исхрана, бидејќи претераните забрани можат да доведат до прејадување. Слично размислуваат и онколозите, кои сметаат дека клучот е во умереноста.
Кога ќе посакаат нешто слатко, тројца онколози имаат ист одговор – овошје. Д-р Нејтан Хендли објаснува дека целта не е целосно да се исфрли слаткото.
„Само сакаме да го промениме изворот на слаткоста – од преработени шеќери и додадени засладувачи кон природно слатки, целосни намирници“, вели тој.
Освен овошје, д-р Хендли и д-р Дилон Кејсон повремено избираат и темно чоколадо со најмалку 70 отсто какао.
Зошто секогаш избираат овошје?
Лекарите предупредуваат дека многу полош избор од самите слатки се засладените пијалаци, како газираните и овошните сокови, енергетските пијалаци, ароматизираните кафиња и засладените ладни чаеви.
„Лименка газиран пијалак содржи околу десет лажички шеќер, нема влакна и не создава чувство на ситост“, предупредува д-р Хендли.
Д-р Кејсон додава дека особено се труди да избегнува високо преработени производи кои содржат сируп од пченка со висока концентрација на фруктоза.
Д-р Тингтинг Тан вели дека една од нејзините омилени летни ужинки е зрела праска со рака ф’стаци.
„Праската природно ја задоволува желбата за слатко, а ф’стаците обезбедуваат протеини и здрави масти, па оброкот е позаситувачки. Едноставно е, вкусно и на тој начин избегнувам преработени слатки“, објаснува таа.
На крајот, сите онколози порачуваат дека здравата исхрана не значи целосно откажување од слатките.
„Повеќето од нас повремено посакуваат нешто слатко. И јас исто така. Не верувам дека некој мора засекогаш да се откаже од десертите за да биде здрав“, вели д-р Тан.
Таа додава дека најважно е да се пронајде балансиран начин на исхрана кој може долгорочно да се одржува.



