Главниот град на Македонија попладнево беше погоден од исклучително силно невреме, кое за кратко време предизвика сериозни материјални штети и сообраќаен колапс. Станува збор за моќен бран кој претходно ја зафати Црна Гора и се движеше кон државава.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) досега регистрираше над 8.000 итни повици на бројот 112 од граѓани кои пријавувале штети во своите домови и заедници.
Сериозни оштетувања претрпе целиот град. Улиците во главниот град за многу кратко време беа блокирани од паднати дрвја. ЦУК информираше за откорнати повеќе децениски стебла на фреквентните улици како Јуриј Гагарин, Методија Митевски, Никола Тримпаре и Хелсинки. Поради паднатите гранки и акумулираната вода на коловозите, сообраќајот се одвиваше со крајни тешкотии, а во некои делови на западниот дел од Скопје дојде и до повремени прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Во Скопје е пријавена падната кровна конструкција од зграда на ул. „Женевска“ бр. 10, при што се оштетени повеќе патнички возила. Регистрирани се и паднато дрво врз моторно возило на ул. „Методија Митевски“, паднато дрво на ул. „Никола Тримпаре“, како и падната кровна конструкција на ул. „Трифун Бузев“. Исто така, пријавено е дека дел од кровната конструкција на ООУ „Владо Тасевски“ е откорната од силниот ветер. На ул. „Хелсинки“ бр. 5 се регистрирани две паднати дрвја, додека на ул. „Скупи“ бр. 89 паднати дрвја оштетиле електрични кабли, патничко возило и дел од куќа, се вели во соопштението од Центарот за управување со кризи.

Петнаесет повредени лица се примени во две клиники по невремето што попладнето го зафати Скопје, од кои девет на Kлиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ), а шест на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Сите се во стабилна состојба.
Ѓорѓиевски најави целоноќно расчистување на Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека булеварите се проодни, а во тек е расчистување на паднатите дрвја и гранки.
Тој додаде дека екипите ќе останат на терен во текот на целата ноќ и ќе продолжат со интервенции на локациите каде што има потреба.



