Прво доаѓа креветчето. Потоа количката во ходник. Па играчките во дневна. Еден ден, без голема најава, станот што пред неколку години изгледал како „доволен за сè“, одеднаш станува претесен. А кредитот? Тој си стои. Ратата си доаѓа секој месец, уредно, без да праша дали семејството пораснало, дали некој почнал да работи од дома или дали детската соба веќе не е луксуз, туку потреба.
Ова е ситуација во која сè почесто се наоѓаат млади брачни парови и семејства што купиле прв стан со станбен кредит. Во моментот на купување, 45 или 50 квадрати изгледале како голем чекор напред. И биле. Но животот не стои во место.
„Најчеста грешка е што луѓето мислат дека со постоечки кредит се врзани за истиот стан до крајот на отплатата. Не е така. Постојат решенија, само треба навреме да се разговара со банката“, велат банкарски познавачи.
Првата опција е продажба на станот и затворање на кредитот. Звучи комплицирано, ама не е невозможна мисија. Станот што е под хипотека може да се продава, но процесот оди преку банка. Купувачот мора да знае дека дел од парите ќе одат за исплата на преостанатиот долг, а хипотеката се брише откако обврската ќе биде затворена. Потребни се документи, проценка, координација со нотар и банка. Значи, не се решава за два дена.
Познавачи на пазарот велат дека вакви трансакции има постојано, особено кога цените на становите пораснале во однос на периодот кога бил купен имотот. Ако станот е купен пред неколку години, можно е неговата сегашна цена да биде повисока од преостанатиот долг. Таа разлика може да биде почетен капитал за поголем стан.
Но тука доаѓа вториот проблем: поголемиот стан значи и поголема цена. А со тоа, најчесто, и нов кредит.
„Пред да се оди на нов стан, дома мора да се направи ладна пресметка. Колкава рата може реално да издржи семејството, што ако еден приход падне, што ако трошоците пораснат. Банката гледа бројки, ама дома се живее со тие бројки“, објаснуваат економистите.
Втора можност е рефинансирање. Тоа значи постоечкиот кредит да се затвори со нов, под други услови, најчесто со поголем износ ако семејството купува поголем стан. Ова може да биде корисно ако каматите, рокот или условите се поповолни, но може да биде и скапо ако има трошоци за обработка, проценка, нотар, осигурување или надомест за предвремена отплата. Ситните букви тука не се ситница.
Трета опција, за оние што можат финансиски да ја издржат, е стариот стан да не се продава веднаш, туку да се издава. Киријата потоа би покривала дел од ратата, а семејството би земало нов кредит или би се преселило во поголем имот. Но ова е ризична математика. Празен стан од два месеца, лош закупец, поправки, неплатени сметки, сето тоа може да ја расипе пресметката.
„Киријата не треба да се смета како сигурна плата. Таа може да доцни, може да ја нема, може да има дополнителни трошоци. Кој оди на оваа варијанта, мора да има резерва“, предупредуваат познавачи на недвижности.
Има и семејства што избираат привремено решение. Не купуваат веднаш поголем стан, туку го преуредуваат постојниот. Дневната соба станува дневна и спална, балконот се затвора, ходникот добива плакари до таван. Се штеди простор каде што може. Не е идеално, ама купува време. А понекогаш токму времето е најскапо.
Најлошата варијанта, велат банкарите, е да се молчи и да се импровизира. Да се бара поголем стан без претходно одобрение од банка, да се ветуваат капари без чиста сметка, да се земаат потрошувачки кредити за да се „премости“ разликата. Така тесниот стан лесно станува тесен буџет.
„Првиот чекор не е агенција за недвижности, туку разговор со банката. Колку должите, колку можете да земете, колку би чинело затворање или префрлање на кредитот. Дури потоа се гледаат огласи“, советуваат финансиски консултанти.
Станот може да стане мал. Тоа не е личен неуспех, туку нормален тек на животот. Но кредитот бара дисциплина. Поголем дом се бара со калкулатор во рака, не само со мерак. Затоа, пред да се заљубите во нова дневна, нова тераса и уште една соба, прашајте ја банката што мисли за тоа.
И прашајте го домашниот буџет. Тој обично прв ја кажува вистината.
Б.З.М.



