ПочетнаЕКОНОМИЈАДодека се во опозиција, политичарите нè бараат по нивите, но штом ќе...

Додека се во опозиција, политичарите нè бараат по нивите, но штом ќе ја освојат власта, ние исчезнуваме од нивните очи!

Додека се во опозиција, политичарите нè бараат по нивите, нè тапкаат по рамо и ветуваат дека земјоделецот ќе биде столбот на државата. Но штом ќе ја освојат власта, ние исчезнуваме од нивните очи. Додека тие се препукуваат по телевизии, ние се прашуваме како да го преживееме денот, како да купиме леб, како да ги платиме сметките и како да го спасиме тоа што со години сме го создавале со пот, труд и непроспиени ноќи.

Вака земјоделците го опишуваат однесувањето на политичарите во последните децении. Од Националната земјоделска мрежа за Денар велат дека повторно стануваат само бројки во статистиките и празни зборови во предизборните говори.

Додека политичарите се расправаат кој е поголем патриот и кој е поголем виновник, земјоделците секој ден водат вистинска битка за опстанок. Се будат пред изгрејсонце, работат до мрак, а на крај не знаат дали ќе имаат доволно за леб, за сметки или за нова сезона. Нивниот труд вреди најмалку, а без нив нема ниту храна, ниту иднина. Ова е сведоштво на еден млад човек, кој вистински си ја сака татковината и сака да придонесе за подобро утре на себе, на својата фамилија и на сите околу него.

„И јас верував дека можам да останам овде. Верував дека чесната работа ќе биде почитувана и дека млад човек може да изгради иднина на својата земја. Наместо поддршка, добив рамнодушност. Наместо надеж, добив чувство дека сум оставен сам. Затоа, како илјадници други млади, и јас почнав да гледам кон странство – не затоа што ја сакам туѓината повеќе од Македонија, туку затоа што сакам достоинствен живот. Најтешко е кога ќе слушнеш ново ветување дека „младите ќе се вратат дома“. Со што? Со ниски откупни цени, несигурност, долгови и постојано понижување? Никој не бега од својата татковина од каприц. Луѓето си заминуваат кога ќе сфатат дека нивниот труд нема вредност“, вели младиот земјоделец од Националната земјоделска мрежа кој сакаше да остане анонимен.

На земјоделството не му требаат луѓе што го гледаат само низ извештаи и прес-конференции. Му требаат луѓе што знаат што значи да изгубиш род поради мраз, суша или невреме, и сепак следното утро повторно да излезеш на нива.

Земјоделците се решени дека сега е време народот да престане да наседнува на истите приказни што се повторуваат пред секои избори. Според нив дојдено е времето довербата да им се даде на чесни, одговорни и способни луѓе кои ќе работат за народот, а не за сопствените фотелји.

„Ова не е само мој глас. Ова е гласот на илјадници земјоделци кои со своите раце ја хранат државата, а најчесто остануваат последни на списокот кога треба да се покаже грижа. Ако продолжи оваа негрижа, нема да остане кој да произведува храна, ниту кој да ја гради иднината на оваа земја. Секоја власт најмногу го сака народот додека е во опозиција. Кога ќе седне во фотелја, народот станува само бројка, а земјоделецот заборавен“, додава младиот земјоделец.

Тоа што во целата оваа ситуација може да се види како позитивна е тоа што се уште има млади луѓе кои ја гледаат својата иднина во земјоделството, што веруваат дека чесната работа ќе биде ценета. Но тоа што ги разочарува е реалноста, наместо поддршка, тие се најчесто разочарани, наместо надеж, се добива чувство дека системот ги оттурнува. И поради тоа како и многу други млади, решаваат среќата да ја бараат надвор од татковината.

Ова не е само крик на еден млад човек. Ова е гласот на илјадници земјоделци кои секој ден ја хранат државата, а најчесто остануваат заборавени.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП