ПочетнаКОМПАНИИПрофитот на „Wells Fargo“ значително порасна благодарение на повисоките приходи од камати

Профитот на „Wells Fargo“ значително порасна благодарение на повисоките приходи од камати

Американската банка „Wells Fargo“ оствари раст на профитот од 17 проценти во вториот квартал од годинава, поттикнат од повисоките приходи од камати, силниот раст на кредитирањето и зголемената активност на финансиските пазари.

Нето-добивката на четвртата најголема банка во САД достигна 6,41 милијарди долари, односно 2 долари по акција, во тримесечниот период што заврши на 30-ти јуни. За споредба, во истиот период лани банката оствари профит од 5,49 милијарди долари, или 1,60 долари по акција.

Главниот извршен директор на „Wells Fargo“, Чарли Шарф, изјави дека американската економија и натаму покажува сила.

– Потрошувачката на граѓаните е повисока, доцнењата и отпишувањето на кредитите се намалени, а заштедите и инвестициите растат во сите сегменти на клиентите. Компаниите остануваат претпазливи, но нивните биланси и парични текови се стабилни, што резултира со добри кредитни показатели – истакна Шарф.

Тој додаде дека банката има корист од силната американска економија, но и од сопствените инвестиции и подобрената оперативна дисциплина, кои придонеле за значително подобрување на резултатите во сите деловни сегменти.

Акциите на банката, со седиште во Сан Франциско, пораснаа за 1,4 проценти во претпазарното тргување. Сепак, од почетокот на годината до последното затворање на берзата тие се пониски за речиси 6 проценти, што е послаб резултат во споредба со конкурентските банки.

Минатата година американските регулатори го укинаа ограничувањето на активата на „Wells Fargo“, кое изнесуваше 1,95 трилиони долари, со што беа отстранети долгогодишните регулаторни ограничувања и банката доби можност побрзо да ги реализира своите планови за раст.

Оттогаш „Wells Fargo“ се фокусира на проширување на бизнисот со кредитни картички и автомобилски кредити, а истовремено ангажира банкарски експерти од конкурентските институции за да го зајакне корпоративното банкарство.

Во меѓувреме, приходите од инвестициското банкарство се зголемиле за 35 проценти и достигнале 939 милиони долари.

Според рангирањето на „Bloomberg“ за спојувања и преземања (M&A), „Wells Fargo“ се наоѓа на шестото место, а воедно има и највисока просечна вредност на реализираните трансакции, што ја потврдува нејзината улога во дел од најголемите корпоративни зделки оваа година.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП